Судскиот совет почна да ги разгледува одлуките и да ја испитува работата на контроверзниот судија Пајазити

Судскиот совет почна да го истражува случајот со судијата Пајазит Пајазити и неговите контроверзни одлуки со одредувањето куќен притвор на бегалецот Блерим Рамадани и безусловното прифаќање на спогодбата за признавање вина на членот на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети. Комисијата која се формираше работела интензивно и наскоро ќе излезе со извештај за консираната состојба – велат од Советот.

Експертите се децидни дека овие случаи ја прелија чашата која сите овие години се полнеше од скандали во праводуството. Ова е уште еден показател дека потребни се итни реформи и конечно политиката да ги тргне рацете од правниот систем во државава.

Овие случувања се дел од низата. За жал судството е постојано е мета на критики и тоа со право. Сите извештаи на ЕУ, сите мислења на експертите од областа се исти. Судството е разнебитено, нема судски ситем каков што треба да имаме. Ова е показател дека политиката е длабоко вмешана. Обвинителството секогаш кога предлага притвор, судот го прифаќа. Особено, во вакви случаи, притворот е неминовен. Куќен притвор за таков случај, мора да е поткрепен со силни докази и аргументи, дека нема да се даде во бегство и дека ќе се појавува на секоја покана од судот. Требало да биде обезбедува од МВР 24/7? Нонсенс. Ако има потреба од тоа, тогаш не треба да е во куќен туку ефективен притвор, вели адвокатот Ѕвонко Давидовиќ.

Квалитетот и моралниот интегритет мора да бидат предуслови за сите оние кои се дел од правосудниот систем. Меѓународната заедница постојано предупредува дека само со евалуација на работата на судиите и обвинителите, и понесување одговорност, може да се врати довербата во судството.

Се е прашање на одговорност. Секој треба да сноси. Судиите и обвинителите се како заштитени бели мечки и не одговараат за своите одлуки. Мора да се смени тоа. Одговорноста има име и презиме. Само на тој начин, со евалуација на работењето на судиите и обвинителите, ќе може да спроведеме реформи. Мора да се утврди поединечна одговорност, а не да биде судската реформа само промена на имиња и презимиња. Политиката, мора да се тргне од судскиот систем, ако сакаме правна држава. Ние немаме политичари, туку политиканти. Не може да има нивни, наши, кадри, судии и обвинители. Не може да има балансер, тоа се судии кои во име на граѓаните треба да работат. И само квалитетот може да биде единствен услов и моралниот интегритет, додава Давидовиќ.

Токму поради овие скандали и фактот што довербата во судството е 2%, власта најави темелни реформи во правосудниот систем. Премиерот Христијан Мицкоски е категоричен дека не се откажува од идејата за распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, но ќе почека предлози од експертската јавност како на поинаков начин да се врати довербата во правосудството. Доколку во определен рок не добие предлози од домашните експерти или од меѓунардната заедница, тој најави дека сè погласно ќе ја промовира намерата за распуштање на двата совети. До сега ниту од меѓународната заедница ниту од експертите не стигнал предлог за како поинаку да се врати довербата во судството.

Извор: ТВ Алфа