И Ахмети ќе проба да направи Шарена Револуција: Нѐ очекува бурна и турбулентна есен

Партијата на Али Ахмети во септември масовно излегува на улични протести, поставувајќи ѝ ултиматум на актуелната власт – или ние во Владата по принципот „победник со победник“, или одиме на предвремени избори, дознава Плусинфо од партиски извори. Има ли партијата на Али Ахмети доволно сила, но и намера, за да изврши дестабилизација на државата доколку не биде исполнето нивното барање?

„Или ќе нѐ примите во Владата по принципот ‘победник со победник’, или одиме на предвремени парламентарни избори“.

Ваков ултиматум до актуелната власт се крчка во кујната на Али Ахмети во Мала Речица, дознаваме од партиски извори.

Како што брифираат нашите соговорници, лидерот на ДУИ веќе сериозно крои планови од септември да го изнесе членството на улични протести кои би претставувале своевидна албанска варијанта на Шарената револуција од 2016 година.

Според најавите, протестите најверојатно би биле фокусирани во Скопје, но очекувано е да се мобилизираат и партиски симпатизери од Тетово, Гостивар и од другите градови, кои со автобуси би биле носени во главниот град.

Партиските извори брифираат и дека влијателни западни амбасадори во Скопје не ги одобруваат плановите на ДУИ, бидејќи се плашат дека тие водат кон дестабилизација на земјата во еден чувствителен период за поширокиот регион.

А дека нѐ очекува бурна и турбулентна есен, вчера меѓу редови потврди и портпаролот на ДУИ Арбр Адеми, кој рече дека партијата од септември излегува на терен, откако на Централното претседателство во Мала Речица бил разгледан нацрт-драфтот на американскиот експерт Пол Вилијамс, кој беше ангажиран од интегративците за да изнајде решение за почитување на легитимитетот и мнозинството.

Има ли ДУИ во моментов политичка моќ за да ја уценува власта? Има ли партијата на Али Ахмети доволно сила, но и намера, за да изврши дестабилизација на државата доколку не биде исполнето нивното барање?

Ништо без поддршката на САД

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека на ДУИ во моментов ѝ се случува трагедијата на СДСМ, односно ѝ се случува – пропаст.

– ДУИ е криминогена политичка партија, која над 20 години на власт се интересираше само за сопствен економски бенефит. Тогаш воопшто не им беше грижа за граѓаните во целост, вклучително и за граѓаните од албанска националност. ДУИ во моментов се соочува со пропаѓање, па раководството смета дека со небулозни изјави и потези пак ќе се врати на власт. Македонија не е бинационална држава и не постои ама баш никаква можност за прифаќање на принципот „победник со победник“. Сега ДУИ нема моќ за некаква акција или дестабилизација, затоа што нема поддршка од никого. На ЕУ и на САД не им е потребен нов конфликт на Балканот, покрај многуте во светот. Стратегијата на ДУИ е пропадната инвестиција, нешто слично како и фабриката за електрични возила во Тетово – објаснува Пекевски.

Новинарот Насер Пајазити, пак, смета дека сценариото на ДУИ е со ваквите закани политички да поентира пред локалните избори следната година, со цел да си ги зачува гласачите.

– Мислам дека овие нивни закани не се сериозни, туку се работи за обиди за некакво политичко поентирање. Веќе видовме дека нивната политика секојдневно ретерира. Оваа стратегија опфаќа и хибридна медиумска кампања, која ќе продолжи да тече и во иднина. Во склоп на оваа пропаганда е и спинот на ДУИ дека до Нова година ќе се врати на власт. На ДУИ прво ѝ се потребни внатрешни реформи, а дури потоа да излезе пред народот со конкретна политичка понуда – вели Пајазити.

Љуљзим Фаризи, доктор по политички науки, вели дека ДУИ не е стабилна политичка партија и затоа нема ни да се осмели да организира протести пред да биде сигурна дека има поддршка на теренот.

– Мислам дека сега тие го „мерат“ теренот, расположението на луѓето, од град во град, од село во село. Мора прво да го измерат „пулсот“, пред да преземат акција. Проблемот им е во тоа што нивните клиентилисти, кои се вработени во јавната администрација, ќе се плашат да излезат на протести. Поширокото членство и симпатизерите, пак, чекаат да видат што ќе направи коалицијата Вреди и дали таа ќе им понуди нешто повеќе од раководството на ДУИ. За жал, тоа е тој менталитет на луѓето, кој тешко се менува – објаснува Фаризи.

ДУИ нема сила за правење тензии

ВМРО-ДПМНЕ реагираше преку партиско соопштение во кое наведува дека ДУИ планира агресивно делување за заштита на сопствениот криминал.

„Ахмети очигледно не ја научил лекцијата дека не треба да го потценува ВМРО-ДПМНЕ и дека сè што прави еден ден ќе му се удри од глава. Како што му се удри рушењето на принципот на коалицирањето ‘победник со победник’, кој тој го наруши во 2017 година. Нема да дозволиме една криминална банда да ја киднапира иднината на сите граѓани и кога нема да е на власт и кога ќе треба да се соочи со правда, да подбуцнува тензии во државата“, наведува партијата на Христијан Мицкоски.

Македонија е членка на НАТО и демократска држава во која мора да владее правото, се вели во соопштението.

„Колку побрзо ДУИ се соочи со тоа и се реформира, толку побрзо Македонија ќе оди напред кон ЕУ. ДУИ во моментот е во заложништво на мала група бандити во врвот, а Ахмети од национален лидер на Албанците во Македонија прераснува во најголем заштитник на криминалот во Македонија“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

На оваа тема разговаравме и со портпаролот на коалицијата Вреди, Фари Исени, кој смета дека партијата на Али Ахмети во моментов нема сила за да изврши дестабилизација на државата.

– Најавуваат протести без воопшто да се обидат принципот „победник со победник“ да биде усвоен во поширока дебата. Ние не сме против тој принцип, но само ако добро се третира и се анализира. Ако се усвои овој принцип, тогаш тој треба да важи само за партии кои немаат коалиција со партии од други етнички припадности. ДУИ се обидува да го искористи албанскиот народ како штит за нејзиното корумпирано минато. Со најавата за протести, ДУИ сака да создаде побуна кај народот за да си го заштити своето корумпирано минато. Не верувам дека партијата на Али Ахмети во моментов има сила да собере многу народ и да предизвика дестабилизација на државата – изјави Исени за Плусинфо.

Официјално, целта на ДУИ е да го надградува „Мајскиот договор“ од 2007 година за коалицирање на „победник со победник“ на парламентарните избори. Како што најави партискиот портпарол Арбр Адеми, договорот ќе биде промовиран на годишнината од Рамковниот договор на 13 август, кога ДУИ ќе си прави приватна прослава.

Новиот „Мајски договор“ го изработи американскиот експерт Пол Вилијамс и предвидува победникот од македонскиот и победникот албанскиот блок задолжително да коалицираат за идна влада. Тој принцип беше промовиран во 2008 година, но ДУИ го прекрши во 2017 година кога наместо со ВМРО-ДПМНЕ како победник на изборите во декември 2016 година, по налог на американскиот амбасадор Џес Бејли, формираше влада со губитникот – СДСМ и Зоран Заев.