(ВИДЕО) Ангелов: Кај Македонски Брод гори „монструм“ од пожар
Активен е пожарот кај селото Брезница во Македонски Брод за кој директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов вели дека се гасне со денови и се трошат многу ресурси. Тој вели дека селото не е загрозено, но пожарот дивее на многу квалитетна борова шума. Таму дејствува унгарскиот тим со поголем број членови, заедно со припадници на Армијата и локалните пожарникари
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов апелираше земјоделците да не користат плински уреди кои повремено прават звук сличен на пукот за да ги избркаат птиците што им го уништуваат родот.
Toj предупреди дека ваквите уреди се голема опасност за предизвикување пожари на отворено.
„Веќе имаме најмалку еден потврден случај кога дошло до експлозија на плинската боца од која самиот уред зема плин за да ги испушта пукотниците. Притоа се појави пожар кој, благодарение на брзата интервенција на локалните пожарникари, беше брзо совладан и истиот не се претвори во голем пожар на отворено, а потоа и во шумски пожар“,рече Ангелов.
Ангелов апелираше и луѓето што користат стари куќи и викендички во, како што рече, полунапуштени или напуштени села, ако забележат несоодветни или оштетени кабли за пренос на електрична енергија, веднаш да пријават во ЕВН. Тој потенцираше дека особено се опасни соголените кабли кои кога дува ветер се допираат еден со друг и предизвикуваат искрење.
„По барање на ЕВН одржавме една исклучително конструктивна средба на највисоко ниво на која тие изразија голема подготвеност секаде онаму каде што ќе добијат пријава за лабави жици, итно да постапат, да ги затегнат жиците или на друг начин да ги обезбедат истите за да не дојде до појава на искрење како потенцијална причини за појава на пожар на отворено“, вели Ангелов.
Инаку, според ЦУК, вчера имало вкупно 29 пожари на отворено. Од нив целосно се изгаснати 21, под контрола се ставени три пожари, а пет пожари се активни и денеска.
„Во меѓувреме се појавуваат нови пожари на територија на државата, а еден специфичен пожар од албанската страна на границата, во реонот на Преспанското Езеро се движи кон наша територија. Ќе се обидеме истиот да го стопираме уште на албанска територија бидејќи ако влезе на наша територија истиот влегува на непристапен терен каде меѓу другото има борова шума и неговото гаснење ќе биде исклучително тешко“, изјави Ангелов.
Активен е пожарот кај селото Брезница во Македонски Брод за кој Ангелов вели дека се гасне со денови и се трошат многу ресурси. Тој вели дека селото не е загрозено, но пожарот дивее на многу квалитетна борова шума. Таму дејствува унгарскиот тим со поголем број членови, заедно со припадници на Армијата и локалните пожарникари.
„Целата Територијална противпожарна единица на Македонски Брод брои само 12 пожарникари. Тие покриваат огромна територија и навистина е тешко да се справат со било каков посериозен пожар, а не со ваков ‘монструм’ од пожар каков што ни се разви на територијата на Општина Македонски Брод во атарот на селата Брезница и Тажево“, вели Ангелов.
Ангелов додаде дека многу сложен за гаснење е и пожарот на Илинска Планина каде досега се гаснело од воздух, а од земја дејствуваат доброволци, месно население и припадници на Национални шуми.
Сѐ уште гори и кај гевгелиското село Фурка каде денеска дејствувале неколку хеликоптери. На територија на Општина Студеничани, пак, кон селото Драчевица исто така има активен пожар каде гори мешана шума. Активен е и пожарот на територија на Општина Пробиштип во атарот на селото Зелениград на Осоговски Планини кој најчесто се разгорува во попладневните часови.
„Овој пожар се движи кон Пониква но горењето е многу мало. Пожарот повремено, безмалку, и да не се гледа но во попладневните часови доаѓа до негово повтроно чадење и разгорување. Верувам дека овој пожар ќе биде благовремено сопрен и нема да ја загрози викенд-населбата Пониква“, вели Ангелов.