Пожарите кај Битола и Радовиш ставени под целосна контрола

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов информира дека пожарот кај Радовиш е под целосна контрола.

Ангелов упати благодарност до радовишките пожарникари, градоначалникот и локалното население кое дале голема поддршка со справувањето со овој пожар.

Општина Битола информираше дека со целосна и континуирана ангажираност на екипите на ТППЕ Битола, поддршка од јавните претпријатија и дополнителна помош од Центарот за управување со кризи, целосно е ставен под контрола пожарот над Битола.

Од таму велат дека претпладнево како воздушна поддршка на противпожарните екипи, пристигна државна помош за Битола, составена од пет „Ер трактори“, од кои 3 од Дирекцијата за заштита и спасување и два од Турција кои се дел од помошта која стигна за справување на Македонија со пожарите.

Екипите на ТППЕ Битола остануваат на терен до целосна ликвидација на пожарот. Општина Битола и Градоначалникот Тони Коњановски им се заблагодарува на сите вработени во ТППЕ Битола, за нивната посветеност и пожртвуваност во борбата со огнената стихија. Исто така, локалната самоуправа изразува огромна благодарност до сите општествено одговорни компании кои ја изразија својата хуманост и покажаа интерес да помогнат во обезбедувањето на храна и вода за екипите кои ноќта ја поминаа на терен. Голема благодарност до медиумите, кои со својата објективност овозможија навремено и објективно информирање на граѓаните за состојбата со пожарот и делувањето на општинскиот кризен штаб, истакнуваат од општината.