Фрчкоски не ги слушал препораките на Османи, бесправно ја користел службената картичка, а ги нема и парите од сукцесијата

Македонскиот амбасадор во ОН Љубомир Фрчкоски е повикан на консултации во Министерството за надворешни работи. Како што дознава МКД.мк од МНР, причината за овој повик е злоупотребата на службената картичка за авионски билети без почитување на пропишаните процедури во МНР. Освен тоа Фрчкоски не ги почитувал и препораките давани од претходниот шеф на дипломатијата Бујар Османи.

И третата работа поради која Фрчкоски е повикан да се врати во Скопје е немањето евиденција на парите од продажбата на имотот припаднат на Македонија по поделбата на имотите на Југославија на територијата на САД. Едноставно, во МНР нема евиденција за уплата на тие средства на сметка на буџетот.

Официјално, од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија велат дека согласно Законот за надворешни работи македонскиот амбасадор во ОН, Љубомир Фрчкоски е повикан на консултации во Министерството.

Претходно ТВ Канал 5 објави дека Фрчкоски е повикан поради конзистентно непостапување по насоките кои во изминатиот период ги добивал од Министерството, финансиска недисциплина – затајување на материјални средства од сукцесија на објекти, како и трошење финансии спротивно на правилниците за работа на дипломатско конзуларните – претставништва“.

Фрчкоски е амбасадор на Македонија во ОН од март 2022 година. Тогашниот претседател Стево Пендаровски го потпиша Указот за негово заминување во мисијата. Фрчкоски не успеа да ја презентира својата платформа пред собраниската Комисија за надворешни работи бидејќи тогашниот претседател на комисијата Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, во најмалку два наврати не закажа седница на Комисијата. Од кабинетот на шефот на државата тогаш објаснија дека постапката за именување амбасадор завршува со одбраната на тезите на кандидатот пред колегиумот на МНР што Фрчкоски го направил уште во 2021 година.

Извор: МКД.мк