Венко Филипче е нов претседател на СДСМ
Венко Филипче извојува победа на внатрепартиските избори за лидерот на СДСМ, обезбедувајќи значителен број гласови во однос на неговите ривали.
Врз основа на резултатите од 74 од 77 досега обработени избирачки места, Венко Филипче освоил 8.474 гласа. По него Јован Деспотовски собра 2.291 глас, Александар Баидевски 868 гласа, а Славјанка Перовска 172 гласа. Имало 159 неважечки ливчиња.
Од 23.439 регистрирани членови со право на глас, 11.964 учествуваа на внатрепартиските избори, што одразува значителен ангажман во партиските редови.
Инаку, кандидатот за претседател на СДСМ Јован Деспотовски по затворањето на избирачките места на вонредните внатрепартиски избори упати благодарност до партиските членови кои гласаа на изборите, но искажа и забелешки за одвивањето на изборите.
-Денеска, дел од членовите на СДСМ гласаа. СДСМ е единствената партија и во земјава, и во регионот, која има широк модел за избор на претседател. Со тоа треба да ја покаже својата големина и демократски капацитет. Но, тој демократски капацитет денес, но и во деновите што следат треба да биде докажан и потврден. Од срце им благодарам на сите членови на партијата кои излегоа да гласаат, како и на сите оние кои излегоа, дојдоа на избирачките места но од различни причини не им беше овозможено да гласаат. Искрено им благодарам на сите оние кои во изминатите неколку недели беа со нас и дадоа своја енергија во градење на еден нов СДСМ, наведува во пишаната изјава Деспостовски.
Тој пред да даде оценка за изборите, побара од Централната изборна комисија на партијата да даде одговор на прашањето зошто над десет илјади членовите кои се регистрирале не излегле да гласаат и зошто на членови кои биле уредно регистрирани, не им било овозможено да гласаат на гласачите места. Деспотовски воедно најави дека неговиот тим утре ќе поднесе приговори за констатираните забелешки.
-На овие две клучни прашања, но и на останатите забелешки кои дојдоа од мрежата контролори низ цела држава, нашиот тим веќе утре ќе поднесе приговори. СДСМ мора многу сериозно да се позанимава и да одговори на овие прашања пред воопшто да се дефинира став во врска со овие избори. Ова, без разлика на исходот од денешното гласање и резултатите кои ги очекуваме во следните два часа, наведува Деспотовски.