Мицкоски од Велес: Ветувањето за повисоки пензии кое го кажавме тука во 2023 година го реализиравме во првите пет дена од формирањето на Владата
Ви благодарам на топлиот пречек, така беше на почетокот на октомври кога се сеќавам како многумина од вас кажуваа со какви се предизвици се соочувате. И тогаш главната идеа потекна од оваа средба да имаме комплетна промена на концептот во пензискиот систем, а тоа е да имаме линеарно покачување на пензиите на пензионерите. На тој начин практично сите пензионери ќе добијат подеднакво и нема да се создава преголема разлика помеѓу малкумина и повеќе од 80% од пензионерите, истакна претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на денешната средба со здружението на велешките пензионери, после одлуката на Владата за зголемување на пензиите за пензионерите.
„И тогаш рековме и денес сакам тоа да го потврдам, дека наша главна цел ќе ни биде нашите повозрасни сограѓани да имаат подостоинствени пензионерски денови, односно во најубавите години од својот живот да може да се чувствуваат пристојно и достоинствено, а не како што беше минатата есен и зимата, кога за жал нашите родители, дедовци, баби, наместо да ги поминуваат пензионерските денови онака како што заслужуваат, тие чекореа по улиците и плоштадите ширум Македонија, барајќи поголеми права и повисоки пензии.“, истакна премиерот Мицкоски.
Премиерот Христијан Мицкоски посочи дека е направена детална анализа и врз основа на тоа беше дадено ветувањето дека во првата година од мандатот ќе се направи линеарно зголемување на пензиите за пет илјади денари.
Денес на седницата на Владата како точка за информирање донесовме заклучок дека пензиите кои што треба да бидат нивелирани, сега во месец септември, а потоа и во месец март следната година, ќе го вклучат тоа линеарно покачување, најпрвин од 2.500 денари сега во септември, и уште 2,500 денари и во месец март. Тоа значи дека најпрвин за три месеци, па за 9 месеци, порано од таа една година што ја ветувавме, тие 5.000 денари линеарно зголемување на пензиите за пензионерите ќе бидат веднаш исплатени- рече претседателот на владата.
Тој потенцираше дека се правеле напори и сега во септември да се исплатат во целост 5.000 денари покачување на пензиите, но во овој буџет ваков каков што е , недостасуваат 2,5 милијарди денари за редовното исплаќање на пензиите. Со оглед на тоа дека со ново покачување ќе бидат зафатени исто толку пари, со ребалансот на буџетот ќе бидат реструктуирани 5 милијарди денари или повеќе од 80 милиони евра.
„Она кое што го ветивме при нашата средба во октомври месец 2023 година, тоа и го реализираме во првите пет дена од формирањето на новата влада.“, посочи премиерот Мицкоски и дополни дека главен приоритет во периодот кој што следи ќе биде и здравствениот систем.
„Заедно работевме со министерот Арбен Таравари. Во подготовка е новиот закон во кој ќе направиме рационализација на функционерите во здравството, односно ќе дојде до бришење на делот во кој беа т.н. организациски или кај народот познати, економски директори. И тоа веќе министерот Таравари го направи, голем дел од нив кои што беа вршители на должност кои беа без мандат, заминуваат во историја, а со овој нов закон кој влезе во владина процедура, ќе бидат сите организациски директори укинати. На тој начин практично ќе имаме поефикасна и поевтина работа и повеќе пари кои ќе останат за здравствените осигуреници.“, рече претседателот на Владата Мицкоски на денешната средба со здруженијата на пензионерите во Велес.