Заев и Ципрас му врачија на награда на Нимиц: „Ни порача да го чуваме и целосно да го имплементираме Преспанскиот договор“
Експремиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас му ја врачија Наградата за мир Преспа на поранешниот медијатор Метју Нимиц, најавувајќи дека традиционално оваа награда ќе се доделува секоја година на денот кога се одбележува Преспанскиот договор.
„Нимиц имаше трпение повеќе од две децении од својот живот да посвети на барање решение за спорот за името. Со неговата поддршка и посветеност изградивме меѓусебна соработка и дојдовме до решение не само за името, туку отворивме порта за соработка за двете земји за подобра иднина на нашите народи, но и за иднината на регионот. Му благодарам на амбасадорот Метју Нимиц кој ни помогна да стигнеме до решение кое денес е модел за решавање многу спорови“, напиша Заев на социјалните мрежи.
Нимиц им порачал да го чуваат и негуваат Преспанскиот договор и целосно да го имплементираат.
Во Атина се одржа Меѓународна конференција за мир и одржлив развој, по повод шестгодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор.