Игор Филков и Горан Минчев се кандидати за министри на ЗНАМ

Игор Филков, роден во 1979 година, е кандидат на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија за министер за правда, а Горан Минчев (1972) е кандидат за министер за јавна администрација.

Имињата за членови на новата влада од партијата на Максим Димитриевски беа утврдени на седница на партискиот Централен одбор вечерва, а потоа на прес-конференција ги соопшти Никола Мемов, портпарол на ЗНАМ.

Тој кажа дека преговорите со коалициските партнери во идната влада продолжуваат и за две заменик министерски места, но дека тие се уште не се дефинирани. Исто така, ЗНАМ ќе преговара и за позиции во третиот ешалон односно за директорски функции.

Движење ЗНАМ – За наша Македонија на Парламентарните избори освои шест пратенички места во Собранието, а поптпретседателката на партијата, Весна Бендевска, е една од тројцата потпретседатели на Парламентот.