Агелер го пофали Мицкоски на енергетскиот форум: Вашето присуство дава многу важна порака за навигација на енергетскиот пејзаж
Амбасадорката на САД во Македонија, Ангела Агелер, во обраќањето на седмиот Македонски енергетски форум, порача дека енергетската сигурност и зелената енергија се два суштински приоритета што треба да ги надминат партиските политики. Таа нагласи дека енергетската сигурност и зелената енергија како приоритети се од витално значење и за земјата и за регионот.
Агелер смета дека земјава ја чекаат многу предизвици и покај тоа што во голема мера закрепнала од неодржливата енергетска околина во минатото.
Безбедна енергетска иднина изискува дополнителни иновации и напредок на многубројни проекти вклучувајќи и завршување на грчко-македонскиот гасовод. Овој извор на природен гас ќе ја елиминира првин зависноста од Русија, како и заканите на одредени прекини во снабдување со гас. Со интерконекторот или гасоводот Македонија исто така може да гради централи, кои се со погон на гас и ќе може да ја олесни транзицијата на земјата од јаглен кон други извори“, рече амбасадорката Агелер.
Таа смета дека земјата има многу соларна енергија, голем хидропотенцијал, како и голем потенцијал за ветерници, кои може да бидат употребени при транзицијата, а САД може да помогнат во тоа не само на владата и на граѓанските организации туку и на приватниот сектор, односно на компаниите на кои им требаат партнерски инвестиции и поттик за внесување иновации, производи, технологии и индустрии што водат кон чиста енергија.
Амбасадорката Агелер во воведното обраќање на форумот го поздрави Христијан Мицкоцки нарекувајќи го иден премиер на земјата и нејзин пријател.
Вашето присуство овде дава многу важна порака за вашата лична заложба и таа на владата за да може да навигирате низ еден комплексен енергетски пејзаж во кој денес Македонија се наоѓа“, истакна амбасадорката Агелер.
Кратко по неа, говор имаше и Мицкоски. Тој рече дека при преминувањето од јаглен на други извори енергија особено ќе внимаваат на социјалниот момент, а одговори и на забелешката од амбасадорката за грчко-македонскиот гасовод. Мицкоски смета дека освен тоа што треба да се поврзат македонскиот и грчкиот гасовод, треба да се додаде и интерконектор, кој ќе ги поврзе македонскиот и српскиот гасовод, со што ќе се обезбеди поголем пристап до светскиот пазар за гас.