Доставија жалба до ДИК: ДУИ не се помирува дека загуби еден пратеник во Желино
Коалицијата „Европски фронт“ доставила приговор до Државната изборна комисија (ДИК) за прегласувањето на Изборното место 2101 во село Ларце во Општина Желино, потврдуваат за МИА од ДИК.
Други приговори за прегласувањето на 22 мај во седум изборни места во петата и шестата изборна единица до ДИК нема пристигнато.
ДИК е должна да донесе одлука во рок од 72 часа по приемот на приговорот. На решението од ДИК кандидатите имаат право на тужба до Управниот суд кој, пак треба да одлучи во рок од 48 часа по приемот на тужбата.
По прегласувањето во избирачко место 2101 во Ларце, Желино, Коалицијата „Европски фронт“ загуби еден пратеник во однос на резултатите од 8 мај, додека Коалицијата „Вреди“ доби еден пратенички мандат.
Според првичните резултати по прегласувањето во седум избирачки места во изборните единици 5 и 6 на Парламентарните избори 2024 Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ останува со 58 пратенички мандати, додека Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ загуби еден пратеник и има 18 пратенички мандати, исто колку и Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ. Коалицијата „Вреди“ по прегласувањето доби еден пратеник повеќе и сега има 14, додека Движење ЗНАМ за наша Македонија и Левица остануваат со по шест пратенички мандати