Ватикан и Рим, прва официјална посета на Сиљановска Давкова
На 23 мај, според протоколот, претседателката ќе има аудиенција кај Папата Франциск, а потоа средба и со генералниот секретар за односи со државите на Ватикан
Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова првата официјална посета ќе ја оствари во Ватикан и Рим каде ќе ја предводи државно црковната делегација за чествувањето на Св. Кирил и Методиј.
На 23 мај, според протоколот, претседателката ќе има аудиенција кај Папата Франциск, а потоа средба и со генералниот секретар за односи со државите на Ватикан.
Чествувањето на сесловенските просветители ќе се одржи на 24 мај со посета на базиликата Свети Климент каде се наоѓа гробот на Св. Кирил, а потоа и во базиликата Санта Мариа Маџоре каде венец ќе постават на плочата испишана на македонски јазик.
Во рамки на посетата на Рим, претседателката ќе се сретне и со колегата Серџо Матарела.
Се уште не е познато дали Сиљановска Давкова ќе има средба или ракување со претседателот на Бугарија, Румен Радев, чие доаѓање во Рим е исто така најавено по истиот повод.