Грчките медиуми за изјавата на Мицкоски: Нова провокација од * Македонија
Денешната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски предизвика реакции во грчките медиуми, кои коментираат дека станува збор за „нова провокација од * Македонија“, дека идниот премиер „ја следи линијата на претседателката Сиљановска“, а веста вечерва е една од главните теми во онлајн изданијата на медиумите, јави дописничката на МИА од Атина.
„*Македонија: Провокативен претседателот на ВМРО – Ќе ја нарекувам мојата земја како што сакам, ако не ви се допаѓа да одите во Хаг“; „По Сиљановска, провоцира и Мицкоски: Ќе ја нарекувам мојата земја Македонија, ако сакате, одиме во Хаг“; „Христијан Мицкоски: Мое право е да ја нарекувам мојата држава Македонија – провокативни изјави на лидерот на ВМРО“; се дел од насловите во грчките медиуми, кои во главно го пренесуваат текстот од грчката новинска агенција АНА-МПА.
Во текстот под наслов „* Македонија: И лидерот на ВМРО инсистира на терминот „Македонија“; АНА-МПА ја пренесува изјавата на Мицкоски и ставот дека „ако Грција смета дека го прекршуваме Договорот од Преспа нека се обрати до Меѓународниот суд“.
-Исто така рече дека во комуникацијата во институциите и меѓу институциите на неговата земја ќе се користи уставното име, но во изјавите пред новинарите или во говорите негово индивидуално право е да ги користи термините „Македонија и македонско“ и поттикнува истото да го стори и претседателката на државата, пишува грчката новинска агенција, која паралелно го цитира Мицкоски во делот во кој вели дека и тие исто како и Нова демократија не го сакаат Договорот.
Мицкоски во денешната изјава посочи дека не се прекршувал Догворот од Нивици со користењето на старото име на државата.
„Ги користам термините „Македонија“ и придавката „македонски“ затоа што, според нашето толкување на Договорот од Преспа, нема никакво прекршување. Ако мислат (вклучително и во Грција) дека сме го прекршиле Договорот од Преспа, таму е Меѓународниот суд на правдата, можат да почнат процес, па таму ќе ги изнесеме двата аргументи. Не би сакал тоа да се случи. Барам добрососедски и пријателски односи“, рече Мицкоски.
Тој повика на пријателски односи со Грција и побара „да нема повеќе закани, пречки и враќање во минатото, туку двете страни да гледаат кон иднината“. Тој рече и дека наскоро очекува средба со грчкиот премиер. Во тој контекст, сепак, истакна дека *Македонија целосно го имплементирала Договорот од Преспа, „за разлика од нашиот јужен сосед, кој не ги ни ратификувал трите предвидени меморандуми“.