Грците не пропуштаат ДА НЕ ПОТСЕТАТ ЗА ПОТПИШАНАТА КАПИТУЛАЦИЈА
Од спроведувањето и почитувањето на Договорот од Преспа зависи ратификацијата на меморандумите од страна на Собранието во Атина, е пораката од Атина до македонските власти, особено до раководството на ВМРО, кое според анкетите е можниот победник на парламентарните избори на 8 мај. Грчки медиуми пренесуваат информации од висок дипломатски извор, дека грчките власти јасно им ставаат до знаење на македонските власти дека внимателно се следи спроведувањето на Договорот од Преспа и дека од тоа ќе зависи понатамошниот однос на Грција кон Македонија.
Во Атина потсетуваат дека, по парламентарните во Македонија и европските избори, грчкиот парламент треба да ги донесе техничките меморандуми, кои се дел од Договорот од Преспа. Овие меморандуми се однесуваат на соработката за европската интеграција, воените прашања и економијата. Претставници на Министерството за надворешни работи на Грција велат дека ратификацијата на овие меморандуми ќе зависи и од тоа дали „националистичката ВМРО-ДПМНЕ, која е против Договорот од Преспа, ќе победи на изборите, дали ќе успее да формира влада и дали ќе го спроведе договорот според планираното“.
Договорот од Преспа не може да се замени со ниту еден друг договор, не може да се укине освен со заемна согласност, потсетуваат грчките дипломати. Ако националистите се обидат да го оспорат договорот, ќе ја најдат меѓународната заедница против нив, велат тие и додаваат дека европскиот пат на Македонија минува преку Атина.
Атина, според овие дипломатски извори, го известила Скопје дека има уште критични прашања кои не се завршени, а се предвидени со Договорот од Преспа, како издавањето нови пасоши или работата на билатералниот комитет надлежен за трговските марки.