Сиљановска Давкова од Прилеп: Ми префрлаат за возраста, но таа значи мудрост и, ќе победам

„Секогаш кога се интонира химната човек го анализира секој збор, зашто таму има многу што да се каже. Во химната се вели дека се раѓа нов ден. А Прилеп заслужува зазорување зашто е град на кој сите сме горди. Кога се соочувам со проблеми ми текнува дека прилепчани се главни со смислата за хумор и со смислата за живот кои ми даваат енергија“, рече претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска Давкова на почетокот во обраќањето на митингот вчера во Прилеп.

Како еден вид реплика кон еден од противкандидите, Сиљановска Давкова рече дека бидејќи се повикува на стратешкиот партнер, ќе му каже една анегдота: „Роналд Реган во една прилика вели: Ми зборувате за мојата старост, но јас нема да зборувам за вашата младост, ама ќе победам“, рече таа и додаде дека во антиката возраста значела и мудрост.

„Се е во ред со мене и физички и психички. И подготвена сум за дебата, ама никако да се согласат за дебата пред одговорни новинари“, рече Сиљановска Давкова.

Таа нагласи дека проблемот е на тие што не сакаат претседателот на Македонија да го избираат граѓаните, туку тоа да го прави парламентот.

Сиљановска Давкова потоа рече дека многу се зборува за владеењето на правото и оцени дека во Македонија има „владеење на конзули“, односно како што додаде, имаме владеење на недемокати, што е голем проблем за државата. Затоа, додаде, немаме вистински актери за да се реализираат вистински проекти од интерес за државата.

„Затоа оценката на Фридом хаус е дека имаме цикличен режим, режим што се врти во круг. Затоа ни се случува најголема сиромаштија, смртност, партизирано судство, Уставен суд кој не ги штити законите, абнормален број на факултети кои печатат дипломи одкаде имаме вработувања во државните институции кои го кршат костурот на државата. Кога нема мерит систем, кога не доаѓаат најспособните на важни места, добивате лица кои аздисуваат без знаење и стручност. Тоа се луѓе кои ве убедуваат дека се тука заради вас. И ви велат дека застапуваат европски стандарди. Затоа велам дека сум горда на Прилеп, а наскоро ќе се слават 80 години од АСНОМ, од Ченто. Затоа, треба да се стори нешто. Што треба да сторам јас? Тоа што не го стори актуелниот претседател“, рече Сиљановска Давкова.

Таа повтори дека преку народни канцеларии на претседателот на Македонија постојано ќе се консултира со народот.

„Нема да викаме ‘претседателот е наш’, како што велат, туку претседателот е на граѓаните, на народот. Колку пати сте го виделе во Собранието? Јас само неколку пати. Претседателот требаше да биде меѓу пратениците кога се носеа важните политички одлуки, како за тие договорите со соседите, а не дојде, па нас не обвинија дека ги кочиме процесите на интеграција. Од заложбите за ЕУ нема интеграција. Тие некаат ниту еден европски стандард“, нагласи таа.

Сиљановска Давкова се заложи за поголемо учество на жените во Армијата и рече дека во војните главната жртва е жената и нагласи дека жените можат да дадат придонес во зачувување на мирот.

„Денеска се зборува за европски идентитет. Тој се врзува денес за принципите и вредностите. Кога разговарате со европски политичари, треба да ги потсетите на европските принципи и да ги потсетите на уставните принципи, зашто тоа е внатрешно прашање. Значи, претседателот мора секогаш да ги потсетува европските политичари на уставните и европските вредности и принципи“, рече Гордана Силјановска Давкова.

Пред прилепчани се обрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој нагласи дека е горд на Прилеп, градот херој и нагласи дека изборите се референдум за Македонија.

СДСМ, Ковачевски и Стево Пендаровски немаат реална и издржана програма, а нивната понуда е еден исклучително примитивен говор на омраза стимулиран директно од Стево Пендаровски, рече Мицкоски.

„Човекот не пропушта митинг лично да навредува и тоа кон професорката Гордана Силјановска Давкова која е одличен професор, таа е и жена, мајка, сопруга. Таквите отрови и навреди кои секој настап се подгревани од првенците на власта, се пренесуваат како зараза и на нивните членови. Па така вчера од Куманово, донеле некој член на СДСМ каде со микрофонот во рака нареди едно чудо навреди кон идниот претседател на Македонија Гордана Сиљановска Давкова. професорката. И не само што поради таквото однесување Стево Пендаровски и нивната портпаролка требаше да пропаднат во земја, и веднаш да се оградат, туку со образ – ѓон Стево аплаудираше на навредите, а Богданка се смееше. Какво дно од луѓе, каков е тоа човек, рече Мицкоски и додаде дека Пендаровски, како што рече, освен што е арогантен, стана прототип на балкански женомрзец и дека „фали уште Фрчкоски да му се приклучи и да формираат клуб на женомрзци“.

Според него,  се работи за состојба на длабока психолошка внатрешна раздразнетост кај Пендаровски и голема доза на омраза и чувство на интелектуална инфериорност во однос на професорката Гордана Силјановска Давкова.

Мицкоски нагласи дека професорката Гордана Силјановска Давкова е решението за претседател на Македонија, жена со принципи која непоколебливо верува во правдата, во вредностите и во Македонија, која има свој став, кој може да му се допаѓа некому или не, но таа до крај се бори за него, затоа што верува во него.