Георгиевски пред 16 години се откажа од функцијата “почесен претседател“, со каква цел денес најавува тужби против ВМРО-ДПМНЕ?
Првиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, подготвува адвокатскиот тим за покренување тужба против ВМРО-ДПМНЕ бидејќи согласно позитивната правна регулатива веќе стекнато право како почесен претседател на партијата не може да биде одземено, пишува Поглед.мк, портал близок до неговата сегашна партија ВМРО-НП.
Но, јавноста добро памети дека овој политичар по своја желба се откажа од титулата уште пред цели 16 години.
„Почесниот претседател на ВМРО ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски денеска се откажа од својата почесна титула обвинувајќи го актуелниот лидер Никола Груевски дека откако е избран за претседател повеќе време потрошил на кадровските чистки во партијата, отколку на битката против нивниот вечен ривал СДСМ“, ова е информација објавена од телевизија А1 во мај 2004-та година.
Таа вест, објавена пред 16 години ја пренесуваме во продолжение:
„Жално е сознанието дека Никола Груевски речиси цела година посветил на подготовките за политичка пресметка со Љубчо Георгиевски, а не со Бранко Црвенковски”, пишува во тогашното писмено обраќање на Георгиевски во кое тој додава дека неговата одлука е конечна и неотповиклива. Повлекувањето на почесниот претседател следи два дена по седницата на централниот комитет на која Груевски ја докажа својата превласт и му зададе сериозен удар на Георгиевски и неговите следбеници.
Седницата била показател, вели Георгиевски, дека во наредниот период ќе се интензивирала политичката егзекуција на нему лојалните кадри.
„Искрено се надевам дека од денеска натаму, Никола Груевски ќе може спокојно да им докажува на комунистичките новинари и на одредени дипломати, дека не е никаков инструмент во рацете на Љубчо Георгиевски, туку самостоен и самомислечки политичар,” вели Георгиевски.
А1 дознава дека синоќа лидерот Груевски одржал средба со Георгиевски на која се обидел да го премисли почесниот претседател да не се повлекува и да и помогне на партијата во наредниот период, посебно на престојните локални избори. Очигледно средбата завршила неуспешно. Од таборот на Георгиевски велат дека неговото повлекување не значи и крај на кризата во ВМРО ДПМНЕ. Според нив, се уште е нејасно како ќе реагира членството во внатрешноста кое се уште му е лојално на поранешниот лидер. Најави за превирања на пониско ниво најавија и приврзаниците на Георгиевски во извршниот комитет кој поднесоа оставки по завчерашниот пораз. Тие по седницата рекоа дека централниот комитет не ја претставувал волјата на членството.
Истата оваа информација во мај 2004-та година ја пренесоа сите македонски медиуми. Дека Љубчо се ОТКАЖУВА од функцијата почесен претседател и дека неговата одлука е конечна и неотповиклива.
Денес, повеќе од 16 години подоцна, Георгиевски најавува дека ќе оди на суд за да си ја врати титулата од која сам се откажа многу одамна.