Стевчо Јакимовски и Катица СЈО Јанева на црната листа на САД

На црната листа на САД се најдоа актуелниот градоначалник на Карпош Стевче Јакимовски и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.

Американскиот Стејт Департмент денеска ги стави на црна листа поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски. По повод означувањето, од Стејт Департментот велат дека двајцата со нивните дејствија го поткопале владеењето на правото и довербата на јавноста во демократските институции.

„Како поранешен шеф на специјалното обвинителство, Јанева беше вклучена во коруптивни дела, вклучувајќи искористување на нејзиното политичко влијание и официјална моќ за лична корист. Има кредибилни информации дека Јанева барала и примила мито за да влијае на обвиненија под нејзина надлежност“, се вели во соопштението на Стејт Департментот.

За Јакимовски се вели дека „како градоначалник на Карпош бил вклучен во коруптивни дела, вклучувајќи искористување на неговата службена положба да се меша во урбанистичкото планирање и јавните набавки за корист лично за него и за неговите соработници“.

Освен, Јакимовски и Јанева, Стејт Департментот ги стави на црна листа и двајцата возрасни синови на Јакимовски и синот и сопругот на Јанева. На сите нив им е забранет влез во САД.