Тошковски: За Влада законот не важи само за Тетово и Гостивар, јас и заменикот не можеме да поставиме командири
Има голема загриженост кај меѓународната заедница откако им посочив дека тоа што со закон ми е загарантирано мене и на дополнителниот заменик министер за внатрешни работи не ни се исполнува.
„Ние по закон можеме да поставиме 15 началници и заменици и сите 15 мора да бидат со два потписи. Сите мои предлози добија потпис од дополнителниот заменик министер (н.з од редовите на СДСМ) но од Влада не го одобрија само предлогот за Тетово. Кога прашав зошто, ми рекоа дека писмено ќе ми биде образлошено, но никогаш не добив“, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.
Тошковски вели дека на низата средби кои ги имал со меѓународната заедница побарал посебен акцент да се стави на Тетово и регионот за време на изборите. Техничката Влада е да фер и демократски избори, но Тошковски вели дека со актуелниот началник на СВР Тетово не може да го гарантира тоа во тој регион, па додава дека уште од сега се става дамка на изборите.
„Веројатно за Тетово и Гостивар треба да важи законот? Или за таму не важи? Само за Велес, Битола, Стуга, Охрид…Ама за Тетово и Гостивар не важи законот. Зошто? Оти така му текнало“, додаде Тошковски.
Министерот јавно го повика премиерот Талат Џафери да ја образлови ваквата одлука. Во однос на работата на Џафери, Тошковски посочи дека тој е професионален и коректен.
„Но, незаконит е. Што ќе ми е техничка Влада тогаш? За да дојде министер од ВМРО-ДПМНЕ и да се занимава со ова во МТВ?“, додаде Тошковски.