ОСЛОБОДИТЕЛНА ПРЕСУДА ЗА БОНЕВА за случајот Друмарина: Докажала дека И’ БИЛЕ ПОДМЕТНАТИ ФИСКАЛНИ

Поранешната пратеничка Силвана Бонева доби одлободителна пресуда за случајот ,,Друмарина”. Пресудата денеска беше соопштена во Кривичниот суд.

Случајот го отвори поранешното СЈО, а потоа надлежноста ја презеде скопското обвинителство.

Предметот се однесуваше на поранешната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, која беше под обвинение за измами поврзани со користењето на патни трошоци.

Бонева, според обвинителството се гонеше бидејќи во периодот од 01 јануари 2011 до 16 декември 2015 година, како службено лице – пратеник во Собранието на Република Македонија, „со намера за себе да прибави имотна корист, сторила повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно повторување на исто кривично дело – измама“.

Ослободителна пресуда!  После 6 години голгота, правдата победи! Вистината излезе на виделина, напиша Бонева на Фејсбук.

Посочи дека со 21 сведок и 7.179 докази, се срушија како кула од карти лагите и клеветите дека божем нешто сум злоупотребила, исто како што се сруши со години повторуваната лага дека сум била рекордер во земање на патни трошоци.

– Наместо Oбвинителството да го докаже обвинението дека сум поднесувала лажни фискални сметки, јас докажав дека Oбвинителството како докази против мене имаше подметнато туѓи фискални сметки од други лица, прикажувајќи ги како да се мои.  Го побив обвинението дека не сум патувала на седници од Струмица за Скопје и докажав дека патував додека  бев пратеник во тој период, a Собранието ми исплатило патни трошоци согласно закон, исто како и на другите пратеници, пишува таа.

Бонева истакна дека  преку фотографиите постирани на фејсбук и сведоците, докажала дека не само што  патувала на седници, туку и дека скоро на секои 2 дена во тој период патувала на свој трошок на средби со граѓани низ целата држава, иако за такви активности Собранието не исплаќаше патни трошоци.

– Се потврди дека прогонот на СЈО беше чиста политичка пресметка, a обвинението против мене целосно неосновано и политички мотивирано.  Му благодарам на Бога што ми даваше сила да го издржам оваа распетие!  Им благодарам на сите вистински пријатели кои веруваа во мене и ми даваа сила да издржам!  Се надевам дека конечно ќе почиваат во мир моите најмили, кои не го дочекаа овој ден!  На сите оние платени ботови кои диригиано со години измислуваа, пишуваа и кажуваа секакви гадости за мене, со цел да ме девалвираат како човек и политичар, Бог нека им суди, напиша поранешната пратеничка.