На оглас за Македонец(ка), Шаќири ја вработува Љуљиета Ќерими и вели дека изборот е целосно уреден

Министерството за образование ја вработува Љуљиета Ќерими на работно место раководител на сектор за средно образование, образование на возрасни и доживотно учење на оглас во кој е напоменато дека работното место, во согласност со годишниот план за вработување, е за Македонец/Македонка. Љуљиета Ќерими е поранешна директорка и заменик-директорка на основното училиште „Хасан Приштина“ во Чаир, која досега, според јавно достапните документи, се изјаснувала како Албанка.

Од Министерството за образование немаат конкретно објаснување како се случило на оглас за Македонец/Македонка да биде избрана Ќерими, но уверуваат дека изборот за кандидатката е целосно уреден.

„Постапката за вработување ја спроведува Агенцијата за администрација, а претставници на МОН членуваат во комисија за верификација на изборот. Во согласност со условите од јавниот конкурс избраниот кандидат е целосно уреден и има остварено најмногу поени во сите фази од процесот на селекција“, велат од кабинетот на министерот Јетон Шаќири за „Макфакс“.

Ќерими се изјаснувала како Албанка додека работела во училиштето „Хасан Приштина“


По тврдењето дека изборот на кандидатка е уреден, „Макфакс“ побара дообјаснување од кабинетот на министерот дали и во која фаза го смениле огласот, во кој стои дека бараат Македонец/Македонка и како кандидатката го исполнила условот, но прашањата останаа неодговорени.

Во огласот од 3 јануари годинава напоменато е дека се бара Македонец(ка)

Не одговорија на прашањата ниту од Агенцијата за администрација, која во согласност со истакнатите правила на нивната веб-страница националноста требало да ја утврди веднаш по аплицирањето. Од таму не кажаа ниту колку апликации за работното место им стигнале.

И избраната кандидатка Ќерими не одговори на прашањата од „Макфакс“ дали се изјаснила како Македонка или се смениле критериумите на оглас во однос на националноста.

Огласот за вработување раководител на секторот за средно образование е од 3 јануари годинава, а одлуката за избор на Љуљиета Ќерими е објавена минатата недела, на 8 февруари, по завршувањето на сите фази за селекција на кандидатите.

Извор: Макфакс

Comments are closed.