Хирурзи од Клинички центар: Што се случува на хируршките клиники со основните лекови, антибиотиците и опојните дроги?

Група хирурзи од хируршките клиники во комлексот „Мајка Тереза“ се обратија со дописсо кој алармираат дека на хируршките клиники недостасуваат основни лекови и ова претставува сериозен проблем во секојдевната работа. Исто така, согласно информациите со кои хирурзите располагаат, на хируршките клиники во последниве три до четири години нема евиденција и следливост на антибиотиците и опојните дроги, како и основните средства.

Во нивниот допис јавно прашуваат што се случува на хирургија со основните средства, антибиотиците и опојните дроги?

Дали некој води евиденција за нив или и тука како на онкологија нема евиденција кој и како ги користи?

Дали на хируршките клиники се води инспекција за интрахоспиталните инфекции, дали се пријавуваат и дали воопшто и кои мерки се преземени за справување со состојбата?

Дали се точни наводите дека опојни дроги што се наменети и треба да се користат за наши пациенти по непознати канали завршуваат на црниот пазар или во Косово?

Колку контроли се извршени од Министерството за здравство, МАЛМЕД, Фондот за здравствено осигурување и Државниот санитарен и здравствен инспекторат за нивно користење?

Овие прашања ги упатуваат јавно хирурзите до надлежните институции.

Тие посочуваат дека не се согласуваат со начинот на менаџирање во овој сегмент и сметаат дека непрофесионално и со пропусти истото се спроведува.

За крај хирурзите во својот допис додаваат дека има огромен недостиг на медицински сестри и овој недостиг значително влијае на работата, а од друга страна секојдневно има вработување на несуштински кадар – административен, наместо да се зајакнуваат клиниките со медицински кадар.

Па, се поставува прашањето што навистина се случува на Хирургија и дали на повидок и тука имаме „нова Онкологија“?