„Нема рецепти, упати, исплаќања од фондот, се‘ ќе застане“ – вработените во ФЗОМ на штрајк ако им ги намалат платите
Денес по шестти пат ќе се одлучува дали платата на вработените во Фондот за здраствено осигурување ќе остане иста или ќе им се намали за 21 отсто. Вработените се собраа пред фондот и упатија јасна порака – доколку се намали платата синдикалната организација на Фондот за здравствено осигурување ќе ја активира одлуката за штрајк донесена на 16.11.2023 година.
Тие ги повикаа членовите на Управниот одбор и директорите на ФЗО да не ги доведат граѓаните во ситуација во која нема да можат да остварат ниту едно право од здравствено осигурување, бидејќи, доколку започне штрајкот ниту еден вработен нема да извршува работни задачи по никоја цена.
„ 831 лице се засегнати од оваа одлука. Ако се намали платата, 25 % од нив паѓаат под минимална плата, а 25 посто на ниво на минимална плата. Доколку стапиме во штрајк се ќе застане. Само едно лице ќе работи, кое ќе прима документи и никој друг нема да работи значи нема исплаќање на ништо, ќе застане се. Тоа значи нема рецепти за лекови, упати за прегледи.“ вели Бранко Аџигогов, претседател на Синдикатот на Фондот.
Според сидикатот неразбирливо е барањето од министерот за финансии за намалување на платите, а се работи за институција со најголем буџет и преку неа се исплаќаат сите лекари во здраството. Велат, просечната бруто плата по вработен во ФЗО е пониска од сите сродни институции, министерствата и администрацијата во здравството.
„ Во Буџетот на ФЗО има резерва од 1.6 милијарди денари, што е повеќе од доволно за исплата на платите со договореното покачување од 15 проценти, и сите објаснувања кои ги дава Владата и Министерството за финансии дека не постојат средства за исплата на платите се нелогични бидејќи, над 46 милијарди денари е буџетот, а за цела година за платите на вработените се потребни само под 1,19 проценти од овој буџет. “, вели Аџигогов.
Велат психолошка тортура вработените имаат од почетокот на годината, работат цел месец, а не знаат дали ќе си ја земат платата или ќе им се намали 21%. А можно е воопшто да не ја ни земат.
Синдикалната организација на ФЗО при Синдикатот на УПОЗ, во преговори со раководството на ФЗО и Управниот одбор на ФЗО во јули 2023, постигна договор за покачување на платите на вработените во ФЗО во висина од 15 проценти во неколку фази. Ова покачување се пролонгираше се до месец декември 2023 година, кога за прв пат беше исплатено на вработените, за да вработените во ФЗО можат да се усогласат со платите со сродните институции. И покрај постигнатиот договор, Владата донела Заклучок со која му препорачува на Управниот одбор на ФЗОМ да ги намали платите на вработените и тоа во висина од 21 процент.