“Спасовски се занимаваше со Самит наместо навреме да реагира“
Оставка од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски побараа ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА. Движењето Беса побара оставка и од заменик министерот за внатрешни, Назим Буши.
„ВМРО-ДПМНЕ не се вмешуваше и се воздржуваше од било какви изјави во случајот со исчезнатото девојче Вања со цел да се дозволи простор за неоптоварена истрага околу криминалниот случај на киднапирање.
На огромна жал овој случај има трагичен крај. Изразуваме длабоко сочувство до семејството и до сите роднини и пријатели на починатата.
Но, она што мора да се нотира е еклатантната неспособност на министерот Спасовски кој се занимаваше со организирање самит наместо навремено да реагира. Тој е брука и срам за полицијата и не е во состојба да ги заштити граѓаните. Зошто молчи полицијата за случајот со исчезнатиот граѓанин на Велес?
Како полицијата на Спасовски дозволи среде Скопје да хара криминална група и да киднапира и убива недолжни граѓани?
Нема скандал кој не се случи во овој негов мандат. Се делеа пасоши на криминалци од балканското и европско подземје, се случуваа сомнителни набавки на софтвери и милионски тендери, скандали со прислушукување и нелегално следење на комуникации и злоупотреба на службите за следење, криминалци неказнети кои избркале полицајци од полициска станица во Арачиново, МВР на Спасовски даваше о половина милион евра на транспортната фирма што набавуваше 2 машини за перење од 25.500 во општина чиј градоначалник беше од неговата партија и редица други скандали. Спасовски оставка веднаш“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
И Движењето Беса изрази сочувство до семејството и роднините на Вања и вели дека имаме неуспешна полиција поради која граѓаните се несигурни.
„Само што беше објавено дека 14-годишната Вања Ѓорчевска е пронајдена мртва. За трагедијата да биде уште поголема, пронајдено е и мртво тело на 74-годишен старец. Оваа катастрофа прерасна во трагедија и овој случај ја руши сета доверба на граѓаните во Министерството за внатрешни работи.
Бараме итна оставка, барем од морални причини, како од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, така и од заменик министерот, Назим Буши. Се додека овие две личности го водат МВР, криминалците стануваат што поблиску до криминалот, а граѓаните се несигурни“, се наведува во реакцијата на Беса.