Две години од несреќата на „Беса Транс“во која животите ги загубија 45 лица, меѓу кои 12 деца
Пред точно две години се случи трагичната несреќа на автопатот „Струма“ на автобусот од „Беса Транс“ во која загинаа 45 лица, меѓу кои и жени и деца од Македонија.
Автобусот утрото во 3 часот најпрво удрил во банкина, а потоа се запалил. Се спасиле само седум лица. Меѓу загинатите биле 12 деца.
До денеска истрагата е завршена, а според истражните органи во Бугарија главна причина е човечка грешка.
Според вештачењето, возачот во моментот на судирот возел со 108 километри на час, со дозволена брзина од 90 километри на час.
„Времето во кое ја виде заштитната ограда и се обиде да реагира беше само 1,8 секунди, што беше недоволно и не можеше да реагира поради оваа голема брзина“, изјави портпаролот на Националната истражна служба (НСЛС) Маријан Маринов.
Според инспекторите, автобусот се запалил за неколку минути.
Македонското обвинителство потенцираше дека несреќата се случила на територија на друга држава и дека истрагата ја водат нивните бугарски колеги. Тие можат да помогнат само по барања за меѓународна правна помош.
Пет семејства на загинатите преку адвокатски тим од Бугарија веќе ја оспорија истрагата на тамошните институции.
Во Македонија има судски процес против управителот на „Беса транс“ за фалсификување лиценци. Само за една година, со лажна јавна исправа, автобус на „Беса транс“ 20 пати ја преминал државната граница.
Инаку судењето течеше со многу одложувања и следното рочиште е на 1 декември. На последното рочиште поранешен возач во компанијата „Беса Транс“ кој одговарајќи на прашања на одбраната од адвокатот Асмир Алиспахиќ, зборуваше за неговото искуство во управувањето на автобусите од оваа компанија.
Прашан дали автобусите биле технички исправни, сведокот одговори дека секогаш пред тргање ги проверувале. На прашањето дали имал проблеми со лиценцата за управување, тој одговори не.
На прашање од обвинителот Владимир Милошевски, дали може да направи разлика меѓу лиценца и извод од лиценца, тој одговори дека тоа се различни документи.
Прашан дали тоа значи дека во автобусот има извод од лиценца, тој одговори да. Судењето треба да продолжи со испитување на обвинетиот на 1 декември.
Во случајот се обвинети едно физичко и едно правно лице за продолжено кривично дело „фалсификување исправа“.
Според обвинението, обвинетиот 41-годишник, како управител на правното лице од Рашче, искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, преку возачите кои управувале автобус во сопственост на фирмата, извршил повеќе временски поврзани дејствија и употребувал како вистинска лажна јавна исправа Извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај.
Ваквата лиценца за наведениот автобус воопшто не била издадена од Министерството за транспорт и врски, а управителот изготвената лажна јавна исправа им ја давал на возачите кои го управувале автобусот и со неа тие ја преминувале државната граница.