Мицкоски: Европската Народна Партија со овој настан покажува почит кон ВМРО-ДПМНЕ, ние остануваме партнери на младите и многу ќе вложуваме во нив

За мене претставува посебна чест, но и одговорност како претседател на ВМРО-ДПМНЕ да бидеме домаќини на еден ваков настан. Бидејќи ова претставува израз на почитување кон она што го прави ВМРО-ДПМНЕ во рамките на Европската Народна Партија, но исто така и што го прави Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ во рамките на младината на Европската Народна Партија, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред отворањето на Генералното Собрание на подмладокот на Европската Народна Партија – „Обединувајќи ја иднината, новата генерација и Западниот Балкан“.

Како што рече, ценат дека на ваков начин само додаваат вредност за Македонија и тоа од позиција на опозиција. Организирањето на ваков репрезентативен настан подразбира и начин на кој што се промовира нашата држава, нашата татковина.

-Јас сум тука да ги поздравам учесниците на овој настан, да дадам недвосмислена поддршка како ВМРО-ДПМНЕ. Бидејќи ВМРО-ДПМНЕ за неколку месеци од денеска ќе ја формира следната Влада во Македонија. Сакам да кажам дека посебен фокус на политиките на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат младите. И ВМРО-ДПМНЕ многу вложува во политиките на младите бидејќи младите се иднината на која што се темели нашата држава, нашата Македонија. ВМРО-ДПМНЕ била партнер, е партнер и ќе остане партнер на младите. Така што уште еднашка посакувам успешен настан, посакувам многу дружење и посакувам да има многу корисни и плодни дебати, нагласи Мицкоски.