Македонските ученици ќе учат дека Самуил е бугарски цар, а Охридската архиепископија е бугарска црква?!
Досега повеќемина универзитетски професори, историчари и експерти предупредија дека какви било отстапки од македонските црвени линии, вклучувајќи и за историските прашања што се поврзани со царот Самуил и Охридската архиепископија можат негативно да се одразат врз македонскиот историски наратив. Но повеќе информации од македонска и од бугарска страна како да потврдуваат дека македонските членови од мешаната комисија за историски и образовни прашања ја нарушиле македонската црвена линија што беше утврдена од македонското собрание. Ова досега неколкупати беше потврдено, а нашите соговорници со кои се консултиравме исто така нагласуваат дека постојат одредени сомнежи дека македонските историчари во мешаната комисија поради одредени политички притисоци го прифатиле бугарскиот историски наратив во своите препораки до соодветните државни институции, конкретно дека средновековниот владетел Самуил е бугарски цар, а Охридската архиепископија е бугарска црква.
Мултиперспективноста стана унилатерална перспективност
Со Договорот за пријателство и добрососедство меѓу Република Македонија и Република Бугарија од 1 август 2017 година беше формирана Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, врз принципот за објективно и научно толкување на историските настани врз основа на историските извори. Во надлежноста на историската комисија се и образовните прашања, односно содржината на историските учебници. Комисијата може да даде препорака врз основа на која соодветните македонски институции можат да изготват методолошки упатства и учебници, како и други учебни материјали за македонското образование.
Нашите соговорници велат дека во работата на комисијата нема реципроцитет за историските учебници, бидејќи само во македонските историски учебници ќе биде претставен бугарскиот историски наратив. И покрај најавите за мултиперспективноста во историските учебници од страна на министерот за надворешни работи Бујар Османи, односно дека и во бугарските учебници ќе биде претставен македонскиот историски наратив за одредени личности и настани, нашите соговорници велат дека тоа нема да се случи затоа што бугарската страна не го прифаќа принципот за мултиперспективност, а ова неколкупати беше потврдено и од бугарските членови на комисијата.
Кога македонската јавност за првпат беше запознаена со концептот за мултиперспективност, Ванчо Ѓорѓиев, универзитетски професор и поранешен член на комисијата, за медиумите нагласи дека мултиперспективноста како концепт се појавила по неговото заминување од комисијата. Во таа пригода, Ѓорѓиев исто така рече дека концептот за внесување на мултиперспективноста во историските учебници, односно двете видувања за историјата, ќе биде обврска само на македонскиот образовен систем. Со други зборови, бугарското видување за македонската историја затскриено ќе влезе во македонскиот образовен систем преку концептот за мултиперспективност и можеме да се најдеме во ситуација македонските деца да учат дека Самуил бил бугарски цар или дека Охридската архиепископија е бугарска црква, за што веќе постојат повеќе сомнежи и индикации дека е веќе сторено или ќе биде сторено од македонска страна.
Македонската страна прифатила дека Самуил е бугарски цар, а неговата
држава е бугарско царство?!
Дека постојат отстапки од македонскиот историски наратив во полза на бугарското видувања за ликот и делото на средновековниот владетел Самуил, како и за карактерот на неговата држава, беше индиректно потврдено и од проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев во медиумите. Во еден негов јавен настап беше нагласено дека во минатото македонските членови на комисијата работеле врз принципот на консензус, односно врз принципот на усогласување на ставовите пред дискусиите со нивните бугарски колеги. Македонските историчари биле во постојана комуникација и имале заеднички аргументиран став за одредени историски личности настани, рече Ѓорѓиев за медиумите.
Меѓутоа овој принцип беше нарушен на 15-та редовна средба на мешаната комисија, кога било напуштено консензуалното донесување на одлуките. На споменатата средба, под влијание на некои од македонските членови имало отстапки за ликот и делото на македонскиот средновековен владетел Самуил. Своевремено во едно телевизиско интервју, Ванчо Ѓорѓиев рече дека македонските членови на комисијата испратиле две пораки (препораки) до бугарските колеги, а тие пораки биле причината за неговото напуштање на работата во комисијата. Поранешниот член на комисијата, неколкупати досега во медиумите, нагласи дека споменатите препораки од страна на македонските членови на комисијата до нивните бугарски колеги биле направени под политичка инструкција на висок функционер на Министерството за надворешни работи. Во своето јавно обраќање, историчарот Ѓорѓиев не ја обелодени содржината на пораките (препораки) до бугарските членови на комисијата, но потврди дека тие се лесно докажливи бидејќи постојат официјални записници од работата на комисијата и со нив се нарушени македонските црвени линии.
Според информациите што ги добивме од неколкумина наши соговорници, токму на 15-та редовна средба на македонско-бугарската комисија бил даден простор за прифаќање на бугарскиот историски наратив за Самуил, односно дека тој е бугарски цар, а неговата држава е бугарско царство. Според нашите сознанија, оставката на проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев како член од комисијата го пролонгирало дефинитивното одлучување за македонскиот средновековен владетел Самуил, но постојат повеќе индикации што потврдуваат дека ова прашање веќе е затворено преку т.н. мултиперспективност и најверојатно во духот на препораките од 15-та редовна средба на комисијата за историски и образовни прашања.
Охридската архиепископија – бугарска црква?!
Дека во македонско-бугарската комисија за историски прашања се разговара за Охридската архиепископија беше потврдено и во медиумите од страна на Ванчо Ѓорѓиев, кој укажа дека се дискутирало за методската единица Охридска архиепископија во учебниците за седмо одделение во Република Македонија, но дека немало никакви препораки до соодветните институции. Од друга страна, Ангел Димитров, копретседателот на оваа комисија, во една од своите последни изјави исто така потврди дека најмногу време поминале за заедничката позиција како да биде претставена Охридската архиепископија.
Во едно соопштение на заедничката комисија исто така беше посочено дека препораките ќе важат за двете држави, но ова беше демантирано од Ванчо Ѓорѓиев. Тој во обраќањето до медиумите објасни дека што и да договорат, каква препорака и да усвојат, таа би се однесувала за нашите учебници, а не за учебниците во Бугарија. Значи, комисијата свесно манипулира со ова соопштение, рече професорот Ванчо Ѓоргиев за медиумите.
Со други зборови, секоја одлука што ќе биде донесена од комисијата, а ќе се однесува за Охридска архиепископија ќе важи само за македонскиот учебник по историја. Меѓутоа посуштински проблем е содржината што ќе биде внесена во македонското образование преку новиот учебник, а во кој правец се движат нештата беше потврдено и од Ангел Димитров, кој јасно посочи дека на крајот на краиштата, Охридската архиепископија е навистина бугарска.
Според нашите соговорници, а тоа во одредена мера се потврдува и од изјавите на бугарските членови на комисијата, се разговарало за суштината и карактерот на Охридската архиепископија, односно од македонска страна било прифатено дека Охридската архиепископија има бугарска црковна традиција, а на крајот тоа ќе треба да биде соодветно преточено и во македонскиот учебник за историја за седмо одделение преку препорака до соодветните институции.
Постојат повеќе показатели што ни беа укажани од нашите соговорници, а се доброинформирани за оваа проблематика, дека македонските членови на историската комисија направиле одредени отстапки во однос на карактерот и суштината на Охридската архиепископија, но поради протекување информации за работата на комисијата, македонските членови се повлекле од своите позиции, а тоа индиректно беше потврдено и од Ангел Димитров, кој рече дека работата на комисијата се одвивала позитивно, но наеднаш дошло до ретерирање на македонските членови. Според нашите сознанија, прашањето за Охридската архиепископија сѐ уште не е дефинитивно решено во рамките на комисијата, но поради одредени политички замешателства, не сме далеку од одлуката дека Охридската архиепископија има бугарска црковна традиција, односно дека е бугарска црква.
Соговорниците со кои се консултиравме за оваа проблематика ни нагласуваат дека историски автентични извори и сведоштва не постојат за да се задоволат одредени политички апетити што пристигнуваат од Република Бугарија, напротив, историската комисија треба да ги утврдува историски факти, а не да ја ретушира историја преку мултиперспективноста. Но досегашната пракса покажува дека нештата се одвиваат во оваа насока, а македонските членови на комисијата прават одредени отстапки, кои се во спротивност со македонските црвени линии. Според добро упатените во оваа проблематика, зад таинственоста и мистериозноста, кои станаа карактеристика на експертска комисија за историски и образовни прашања во изминативе месеци, можеби се кријат и отстапките од македонска страна.
Извор: Нова Македонија