Мицкоски: 11 Октомври е светол датум кој Македонија ја прави победник, важно е денешниот ден да не го заборавиме

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го честита државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ, порачувајќи дека „ова е светол датум кој Македонија ја прави победник, како и денешниот ден да не го заборавиме“.

Мицкоски истакнува дека е важно, како што наведува, „да ја почитуваме и учиме историјата, за да научиме од грешките, да бидеме обединети и сплотени, да го слушаме гласот на народот и да се спротивставиме на оние кои распродаваат, преговараат и уценуваат“.

-Важно е да не заборавиме, да се сеќаваме и да почитуваме! Важно е да не ги заборавиме сите наши борби за независна Македонија. Важно е да се знае дека 11 Октомври е продолжение на илинденската борба за слобода, ден кој е почеток на борбата против фашизмот. Важно е да не се заборави дека овој ден е почеток на борбата на македонскиот народ против бугарскиот фашистички окупатор. Оваа битка беше финалето на борбата што ќе ни ја донесе независна Македонија. Да не ги заборавиме борците во оваа војна кои го дадоа својот живот за независна и слободна Македонија. За горда Македонија, за држава што е татковина на македонскиот народ и останатите кои застанаа на страната против фашизмот, вели Мицкоски во честитката.

Да веруваме, дополнува тој, во нашите „борби“ бидејќи историјата покажува дека македонскиот народ секогаш бил на вистинската страна. На страната на правдата, за оние кои веруваат во вредности, и оние што веруваат во слободата, во заедничкиот живот и патриотизам“. Важно е да ја почитуваме и учиме историјата, за да ги научиме од грешките, да бидеме обединети и сплотени, да го слушаме гласот на народот и да се спротивставиме на оние кои распродаваат, преговараат и уценуваат. 11 Октомври е светлиот датум кој Македонија ја прави победник. Важно е денешниот ден да не го заборавиме, почитуваме и се поклониме. Честит 11 Октомври! Да живее слободна Македонија!, стои во честитката од Мицкоски.