За молерисани занимални во скопска градинка прес-конференција држеа премиерот, министерката Тренчевска, градоначалникот Герасимовски и тројца пратеници
Премиерот Димитар Ковачевски, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, пратениците Дарко Каевски и Моника Зајкова и градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски денеска промовираа молерисани занимални во градинка во Скопје. Сите одржаа прес-конференција на која соопштија што е сработено во градинката.
Станува збор за градинката „13 Ноември“ објект „Парк,“ дел од градинката „13 Ноември“ во која, како што кажа градоначалникот Герасимовски, извршено е молерисување на сите простории во градинката, набавени се нови детски шкафчиња, масички, столчина и друг детски мебел во сите осум занимални.
По овој повод и СДСМ на Фејсбук се пофали, па објави фотографии од премиерот како седи во друштво со дечињата во градинка на кои не им е соодветно заштитен идентитетот, што значи уште една злоупотреба на децата за политички цели на оваа власт.
„Денеска го посетивме објектот „Парк“, кој е дел од градинката „13 Ноември“, која е дел од многуте реновирани градинки во државата.
Континуирано вложуваме во изградба и реконструкција на детски градинки и центри за развој, а паралелно носиме мерки за зголемување на платите на воспитувачките и негувателките.
Нашите деца се нашата иднина, затоа наша должност како Влада е да овозможуваме современи и безбедни услови за развој на децата, затоа што секое дете заслужува среќно и безгрижно детство“, стои во нивниот пост на Фејсбук.