ТВ24: Двајца осуденици за „Монструм“ ќе излезат на слобода доколку помине Законот за амнестија!

Хаки и Фејзи Азири, двајцата осудени за помагање во случајот „Монструм“, ќе се најдат на слобода со новиот закон за амнестија на Кренар Лога, доколку законот помине во Собрание, пренесува ТВ 24.

Двоецот Азири е осуден на 9, односно на 15 години затвор за помагање по ликвидацијата на четири момчиња и еден возрасен човек кај Смилковското езеро, но со законот кој што го протурка во Влада министерот за правда Лога, а премиерот Димитар Ковачевски тврдеше дека тоa е само за осудени за полесни кривични дела, ќе излезат на слобода.

ТВ 24 дојде до дел од листата на осуденици кои ќе го напуштат Идризово доколку помине во Собрание законот за амнестија, на неа го има Хаки Азири, но адвокатот на Фејзи Азири, Насер Рауфи тврди дека и тој апсолутно излегува од Идризово.

-Не само што очекувам, туку сум сигурен дека ќе излезат, дека ги опфаќа законот за амнестија, бидејќи тие се осудени, иако морам да кажам незаконски со фалсификувано вештачење и на кривични дела на помагање на сторител по извршувањето на кривичното дело, што значи дека има сосема друга правна квалификација. Затоа за таквите дела е предвидена амнестија, вели Рауфи, пренесе ТВ24.

Според Рауфи, двоецот Азири по автоматизам треба да излезе, но доколку има како што вели проблеми, адвокатите ќе интервенираат.

-Очекуваме целосно ослободување, бидејќи опфаќа една третина од таа предвидена казна, чинам дека и Фејзи Азири со 15 години ќе излезе веднаш, а за Хаки Азири кој е осуден на 9 години има и повеќе од што треба за издржување со законот за амнестија, вели Рауфи, пренесе ТВ24.