Еден припадник на полицијата на Косово е убиен, а уште еден е ранет рано утринава во напад на засега непознати и маскирани лица во селото Бањско во Лепосавиќ, во северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Косовскиот премиер Албин Курти преку објава на Фејсбук информира дека околу 3 часот по полноќ била нападната косовската полиција во Бањска, а како последица на нападот полицискиот наредник А.Б. е убиен, додека ранет е уште еден граничен полицаец.
Курти вели дека истрелите од огнено оружје утрово продолжуваат и натаму.
Денеска околу три часот по полноќ во селото Бањско во Лепосавиќ е нападната косовската полиција, при што еден косовски полицаец е убиен, а друг е повреден. Убиениот е полицаец со чин наредник, додека повредениот е припадник на граничната полиција. Во овој момент продолжува пукањето од огнено оружје од различен калибар кон нашата полиција. Напаѓачите се професионалци со маски и вооружени со тешко оружје, напиша Курти.
Тој го обвини официјален Белград дека е одговорен за нападот кој, според него, е насочен против косовската држава.
Го осудуваме овој криминален и терористички напад. Организираниот криминал со политичка, финансиска и логистичка поддршка од официјален Белград ја напаѓа нашата држава. Во оваа битка го штитиме и спроведуваме законот, ги штитиме и чуваме сите граѓани без разлика и независно Косово. Извршителите и нивните наредбодавачи нема да успеат, ќе бидат фатени, судени и казнети. Владата на Република Косово и државните институции се подготвени и координирани да одговорат на криминалот и криминалците, теророт и терористите. Косовската полиција го извести семејството на убиениот полицаец А.Б. Повредениот полицаец е надвор од животна опасност. Сочувство до семејството и сите за нашиот убиен полицаец. Брзо и целосно закрепнување на повредениот полицаец, напиша Курти.
Косовската претседателка, Вјоса Османи, изјави дека нападот врз косовската полиција во северно Косово, во кој еден полицаец е убиен, а уште еден е ранет, е „испланиран, оркестриран и изведен од српските криминални банди“.
По инцидентот што се случи рано утрово во селото Бањско во Лепосавиќ, од кабинетот на Османи соопшти дека таа ги прекинала сите активности во Њујорк, каде што престојува во официјална посета, и веднаш ќе се врати во земјата.
Убиството на полицаец и ранувањето на друг полицаец на северот на Косово, планирано, оркестрирано и изведено од српските криминални банди, е напад врз законот и редот на северот на земјата, тоа е напад врз Косово, се цитира Османи во соопштението.