Честитка по повод празникот Воскресение Христово – Велигден од Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф. д-р. Христијан Мицкоски

Дозволете во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ да Ви го честитам најголемиот христијански празник – Воскресението Христово Велигден.

Ви посакувам безброј мигови на среќа, на спокој и на љубов за вас и вашите семејства.

Благодат за секој еден од нас која произлегува од радоста на Христовото Воскресение кое пак, еве веќе два милениума претставува најмаркантниот настан во историјата на човештвото, но и сведок за неизбежноста на победата на доброто врз злото.

Драги пријатели,

Живееме во време полно со предизвици, поделби, гнев, со омраза едни кон други, но и во време на големи неправди.

А тоа највеќе нé боли!

Кога гледаме дека од нашите раце сакаат да ја оттргнат надежта, соништата – нашите најмлади членови на ова општество кои притиснати од очајот на властa се приморани да ја бараат својата среќа во други држави, надвор од нивните родни огништа!

Имаме задача – моја, ваша, заедничка – да му ставиме крај на ова сивило и да ги промениме работите!

Да ставиме крај на неправдите и на заедничките болки што предизвикуваат заеднички страдања!

Заедно да се избориме за нови стандарди!

Друга опција немаме, и ова е Македонија за која се бориме.

Ова е Македонија во која веруваме!

Ова е Македонија за која вреди секоја наша болка, секоја промена, секоја возобновена надеж, секоја заедничка иднина.

Да ги кренеме главите, и да покажеме што можеме. Со срце, со ум.  Заеднички.

За неповторливата шанса на нашата генерација.

Драги браќа и сестри,

Историјата нé учи дека предизвиците и ударите врз нас никогаш не престанале.

И денес се нападнати нашите темели кои се основата на сите наши силни колективни верувања, но и она што сме!

Овој пат разликата ќе ја правиме по мудроста што ќе ја покажеме и по обединетоста која мораме да ја имаме.

Во овие празнични денови испраќам и порака кон една од нашите најголеми идентитетски тврдини – Македонската Православна Црква – Охридската Архиепископија: единството и трепетот над македонскиот оган, како и секогаш низ вековите – да продолжат да бидат главната одлика.

Мудроста и разумот да продолжат да бидат главните двигатели на сите одлуки во овие историски времиња.

Целосно знаејќи за она што сме и за она што мора да продолжиме да бидеме.

И верувам дека нашата света црква како и до сега, ќе продолжи да биде големиот чувар на идентитетот на македонскиот народ.

Почитувани пријатели,

Добрината и љубовта нека биде водилка во вашите срца, а светлината и топлината нека бидат присутни во сите наши домови!

Нека е за многу години Велигден!

Христос воскресна!

Навистина воскресна!

Со почит,

Проф. д-р Христијан Мицкоски

Претседател на ВМРО-ДПМНЕ