Џафери: И моето дете има право да биде примено на работа
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, смета дека нема ништо невообичаено што син му Барлет Џафери станува обвинител, иако имаше низа реакции за начинот на кој бил запишан и заврши како слушател на Академијата за судии и јавни обвинители.
Џафери посочува дека и антикорупциската нема најдено ништо спорно во постапката преку која тој влегува во правосудните органи.
„Сензацијата е поголема кога станува збор за дете на функционер. И моето дете има право да конкурира и да биде примено на работа“, вели Џафери.
Синот на Џафери е само еден од децата на политичарите кои положија во Академијата за судии и јавни обвинители.
Речиси 18 проценти од положените кандидати, кои се идни судии и обвинители, се синови, ќерки, снаи и сопруги на актуелни политичари, сегашни и поранешни судии и обвинители. Ова го покажува јавно објавената ранг-листа на Академијата за судии и обвинители „Павел Шатев“. Од 58 кандидати, само еден го нема положено завршниот испит. На листата има и многу звучни имиња.
Антикорупциската комисија во април минатата година доби известување дека Барлет Џафери успеал да се пријави на Академијата, без да ги исполни условите за тоа, поточно без полагање правосуден испит. И ова предизвика бура на реакции во јавноста.