„Власта набавува гас по 40% повисока цена од берзанската и зошто во РЕК Битола на тендерите секогаш има еден понудувач?“
Енергетската состојба, за жал, ја следи незнаење од една страна и од друга страна голем криминал и корупција. Два примери за денес за да се отворат две големи теми. Едната е набавката на гас по 40%, најмалце, повисока цена од берзанската цена и второ, зошто во РЕК Битола секогаш има по еден понудувач, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, одговарајќи на новинарско прашање при посетата во Битола.
Николоски посочи дека доволни се овие две теми денес да се отворат и да се дадат одговори, како и одговорност која што подолг временски период не ја гледаме, а како што рече, тука одговорноста е на највисоко ниво, затоа што со одлуки на оваа Влада, практично одлуките се одземени од РЕК Битола, и набавките се прават директно од централата, односно се прават од ЕЛЕМ, односно владата затоа што раководството на ЕЛЕМ е назначено директно од владата.
– Се работи за еден огромен скандал. За жал во енергетиката има само скандали. Имено, ЕЛЕМ, односно ЕСМ потпиша договор со сомнителни фирми од Бугарија за набавка на гас по фиксна цена од 99 евра за мегават час, иако денес доколку ја отворите Купекс како релевантна берза за цела Југоисточна Европа ќе видите дека цената е 59 евра. Што значи дека само денес разликата е околу 40 евра по мегават час, или преведено во проценти, над 40% е разликата помеѓу тоа по кое набавува државата и се трошат народните пари, и она што е денес цена на берзата, рече Николоски.
Тој посочи дека се работи за огромни екстра профити на овие сомнителни компании од Бугарија, што отвора сериозен сомнеж за криминал и корупција.
– Така што би сакал да го повикам овдека целиот менаџмент на ЕЛЕМ, како и владата и министерот за економија Крешник Бектеши, премиерот Димитар Ковчевски да дадат одговор и да понесат одговорност за ова ненаменско трошење на пари коешто во месец јануари достигна над милион евра повеќе од тоа што беше на берза, а за февруари веројатно ќе е 2 до 2,5 пати повеќе од она што е берзанска цена и да дадат одговори каде одат овие средства, истакна Николоски.
Николоски нагласи и дека до денес нема одговор како е возможно на скоро секој тендер што го објавува ЕЛЕМ во РЕК Битола да има само по еден понудувач.
– Се уште не може да откриеме како е можно да нема втора компанија заинтересирана на повиците коишто ги објавува ЕЛЕМ, еве веќе со години, а се однесуваат на работењето на РЕК Битола и како секогаш тие кои се понудувачи, а е секогаш еден понудувач имаат точно цена онолку колку што е предвидена цена, ништо помалку од тоа, туку точно онолку колку што е предвидена. Дали може да одговорат колку на овој начин се изгубени средства во им е на РЕК Битола, ЕЛЕМ, владата и буџетот и колку на тој начин компаниите и граѓаните плаќаат повисока цена на електрична енергија, изјави тој.