Адвокати за условната казна на струшкиот гинеколог: Доктор Менгеле од Струга пак ќе си тера како лекар, нема забрана да врши дејност

Адвокатите Јанаки Мировски и Александар Димитријевиќ, јавно ја искоментираа пресудата која ја донесе струшкиот суд за гинекологот Мухамед Асани во случајот за нелегалната ординација во која прегледувал. Димитријевиќ повикува на правда за Јалдиз Ваеповска, родилката која остана без органи. Митровски реагира зошто не му е изречена забрана да извршува дејност на докторот, кој и натаму работи во струшката болница.

„Докторот од Струга доби условна за работа на црно, а тек сега ќе се води процесот за лекарска грешка. Мора да се упати апел на одговорноста кон медицината како најтешка професија. Со санкционирање на непрофесионалноста се дава предност на сите квалитетни доктори кои оваа професија ја работат од хумани причини“, напиша адвокатот Димитријевиќ.

Митровски, медицинарот Aсани го нарекува „доктор Менгеле“, кој пак е германски лекар кого го именувале како „ангел на смртта“ поради неговите дејства во Аушвиц и другите концентрациони логори.

„Доктор Менгеле од Струга што и извади пола органи на родилката од Дебар, и покрај тоа што не призна вина и си тераше постапка, денес лабаво си доби условна. А да, и Лекарска комора не му ја зема лиценцата, не гледаат луѓето ништо спорно. Пак ќе си тера лекар бидејки не видов со пресудава да му се забранува да врши дејност“, пишува Митровски.

Денес се објави условната казна за гинекологот Мухамед Асани, затоа што во нелегална ординација во неговата куќа, давал здравствени услуги, а меѓу клиентите беше и родилката Јалдз Веапоска, која подоцна остана без органи. Ова е исходот од првата кривична пријава која ја поднесе Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Сега гинекологот не смее да направи ново кривично дело во наредните четири години, во спротивно, ќе треба да лежи затвор од две години. Пресудата е изречена во струшкиот Основен суд.