Ѓорѓиевски: Посветени сме на финализирање на почнатите капитални проекти, Кисела Вода првпат во историја ќе добие затворен пазар
Се трудиме со мојот тим да ги завршиме оние проекти кои ни се отпочнати, во однос на инфраструктурата. Во наредните две недели имам отворање на два сериозни капитални проекти во Кисела Вода. Едниот е за прв пат во историја во Кисела Вода имаме затворен пазар кој што го отвораме, а другиот е нова градинка во Усје. Еден голем проблем, горлив проблем за моите сограѓани го решаваме, вели градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Тој во своето денешно гостување во „Студио 10“ на Телевизија 24 зборуваше и за спортската сала Расадник за која од наредна година очекува да почне целосна реконструкција и истата на задоволство на граѓаните ќе биде нова средена сала.
Во однос на населеното место Расадник, Ѓорѓиевски зборуваше за урбанистичкиот план за кој веќе е распишан меѓународен конкурс, при што додаде дека нема да дозволи ни таму да има 100 згради затоа што тоа не е хумано живеење и не е во корист на граѓаните.
-Салата Расадник во моментов е руина. За следната година имаме проект за реконструкција на салата. Нема да ја уриваме целосно туку ќе ја реконструираме а со кое темпо ќе видиме според финансиите. Ќе биде реконструирана и внатрешно и надворешно. За целиот потег на Расадник имаме распишано меѓународен конкурс за урбанистичко решение и се работи сериозно, вели Ѓорѓиевски.
Во однос на енормното зголемување на цената на електричната енергија, Ѓорѓиевски истакна дека сметките за струја на општината Кисела Вода се многу високи иако се штеди и дека општината не ги исклучува светлата на улиците поради безбедносни причини.
-Дури и да се исклучува преку една светилка, заштедата би била сразмерно мала во однос на тоа што граѓаните би се соочиле со небезбедна средина. Исклучувањето на светлата може да поттикне кражби и насилство. Нека биде безбедно во Кисела Вода, а ние ќе се снајдеме за сметките за струја, истакна Ѓорѓиевски.
Градоначалникот вели дека и покрај сите потешкотии со кои со години се соочува општината, тој очекува на почетокот од следната година да ги расчисти сите натрупани долгови.
Ѓорѓиевски се осврна и на активностите на општината во пресрет на новогодишните празници и настаните и забавата за налмалите, при што истакна дека во сабота ќе организираат настан каде што во паркот кај Есенинова, поточно позади зграда Пегла, Дедо Мраз ќе слета со балон, што претставува до сега невидена атракција во Република Македонија, а притоа ќе се делат и ковогодишни пакетчиња за најмалите граѓани.
-Она што ние го правиме предновогодишно е еден голем настан во сабота, каде што со балон Дедо Мраз ќе се спушта кај паркот на Есенинова, тоа е позади Пеглата, ќе направиме една атракција за нашите најмлади жители. Имало до сега атракции каде Дедо Мраз слетувал со хеликоптер, се спуштал по згради, ама до сега немало во Република Македонија со балон. Ние ќе го приредиме тоа во Општина Кисела Вода но и ги поканувам сите баби, дедовци со внучињата, родители со дечињата да дојдат на настанот и за сите ќе има бесплатни пакетчиња, ќе имаат добра приредба. Во однос на настанот, ќе има два настани дополнително, едниот ќе биде дечињата од нашите градинки ќе имаат своја претстава која што ја спремаат директорките на градинките заедно со персоналот и дечињата. Во вториот дел ќе настапува детскиот фестивал Поточиња. Очекуваме околу 1500 деца, но ние сме подготвени да дадеме пакетчиња и на 4000 деца, така што сите се добредојдени, истакна Ѓорѓиевски додавајќи дека дополнително, за секое од дечињата во градинките обезбедија бесплатно пакетче, толку колку што можат да им помогнат на семејствата.