Зошто договорите за нафта на Шилегов, Трајановски и Пенов имале попуст, само договорот на Арсовска нема
Се уште останува нејасно зошто договорот за набавка на гориво за јавното сообраќајно претпријатие Скопје од страна на фирмата Пуцко Петрол во вредност од 27 милиони евра нема попуст. Имено, станува збор за склучен договор во вредност од 27 милиони евра помеѓу ЈСП и компанијата Пуцко Петрол, односно набавка на 14.5 милиони литри гориво за потребите на ова скопско јавно претпријатие. Од договорот може да се забележи дека ЈСП ќе плаќа едно литар нафта за 100 денари, додека со ДДВ за едно литар нафта 118 денари.
За разлика од оваа, цената на бензинските пумпи за литар нафта изнесува 78 денари во моментот или дури за 40 денари пониска од тоа што е предвидено во овој договор. Договорот е потпишан од директорот на ЈСП Александар Стојковски кој според информациите и фотографиите објавени во медиумите е активен член на владејачката СДСМ, а именуван на функцијата од Арсовска.
Но, она што е дополнително симптоматично и за кое треба исто така да се одговори е што овој договор за разлика од претходните договори за набавка на гориво во време на владеење на Петре Шилегов, Коце Трајановски, па дури и во време на Ристо Пенов, нема попуст укажува само за можна злоупотреба и испумпување на парите од ова претпријатие кое и така веќе е во загуба. Имајќи во предвид дека рабат за набавка на гориво на ЈСП имало секогаш и со самото тоа што сообраќајното претпријатие плаќа нафта како да купува од бензинска пумпа, а не преку јавната набавка на големо, претпријатието е во дополнителна загуба од околу 15 милиони евра.
Главниот град е во целосен хаос, а градоначалничката Данела Арсовска бега од решавање на проблемите на скопјани, но и од барање на одговорност од страна на директорот Стојковски кој ги негира тврдењата дека ЈСП ќе набавува многу поскапа нафта и сето тоа на грбот на скопјани.
За овој сомнителен договор најпрво реагираше лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски кој рече дека нејасно е зошто Арсовска и Ковачевски на тајните средби не изнајдат решение за приватните превозници, и наместо рабатот од договорот за гориво на ЈСП да заврши кај лица блиски до Арсовска и Ковачевски, да заврши во ЈСП за да им го исплати долгот на приватните превозници и да се стави крај на сообраќајниот хаос поради блокадите на превозниците.
„Што се однесува до Град Скопје, мојот совет и до Ковачевски и до Арсовска е кога ќе се среќаваат тајно наместо да договараат провизии од рабатот кој што треба да го добие Јавното сообраќајно претпријатие да најдат начин да го решат проблемот затоа што секојдневно скопјани се жртви на оваа пинг понг коалиција која што ние ја нарековме коалиција на хаосот. Затоа, следната средба, еве јавно ги замолувам пред македонската јавност, пред скопјани, тајна јавна каква и да е, да договорат, има начин како се договара тоа. Прво, или владата да обезбеди пари преку трансфер или позајмица до Град Скопје и тие да ги исплатат обврските кон приватните превозници или втората е наместо парите да завршуваат кај луѓе кои што се блиски до СДСМ, роднини на Арсовска или луѓе од сметководствениот бизнис, од рабатот за нафта која што ја набавува ЈСП, да завршат во ЈСП за да ги исплати обврските кон приватните превозници“, вака претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на настан во општина Аеродром одговори на новинарско прашање за тоа каде го гледа излезот за хаосот кој владее во Град Скопје, изјави Мицкоски.
Дополнително, за овој договор се заинтересира и Државната комисија за спречување на корупција, но се уште нема никаква истрага, ниту од ДКСК, ниту пак од некоја друга надлежните институции за утврдување на можните злоупотреби со парите на скопјани, кои повеќе од јасно е дека наместо во проекти, ќе завршат во нечии џебови.