Грковска: Владата ги направи сите предуслови што од нејзе се барале за јакнење на капацитетите на правосудните органи

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во вчерашното гостување на емисијата Топ Тема нагласи дека Владата ги направила сите предуслови што од нејзе се барале во однос на јакнење на капацитетите на правосудните органи, зголемување на буџетот на Обвинителството за организиран криминал и корупција, чиј буџет е за четири пати повисок во однос на 2017 година.

„Не велам дека тоа е доволно, секогаш може повеќе, меѓутоа има одредени работи што треба правосудните работи да ги завршат со цел да ја зајакнат довербата на граѓаните во правосудниот систем. Тоа што се случи со спогодувањето за вина со високите криминалци и функционери од претходната власт е поразително за цел систем. Затоа мора да се зајакне транспарентноста, обвинителите и судиите мора да ги образложуваат своите одлуки, особено за предмети што се од голем интерес за јавноста”, нагласи Грковска.