Толку се неспособни, Американците чекаат да им расчистат со корупција
Неспособноста на власта да се справи со корупцијата ја увиде и меѓународната заедница. Имено, вчера американската амбасадорка преку социјалните мрежи најави дека во Македонија ќе дојде тим за санкции од Вашингтон, за да преземе поагресивен пристап кон минатите и сегашните корумпирани актери и да ги разгледа сите можни постапки.
„На правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги, гонење за да се покаже дека никој не е над законот“, напиша амбасадорката Агелер.
Американската амбасадорка изминатиот период изрази и критика и при изборот на Ислам Абази за прв човек на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Како што беше истакнато, резултатите од изборите на кои гласаа обвинителите биле збунувачки.
„Ние, во Амбасадата на САД, секако дека резултатите ги сметаме за збунувачки, особено откако во изминатите години потрошивме милиони долари на обука на обвинители и други во правосудниот систем. Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат независен правосуден сектор во кој позициите се пополнуваат по заслуга и квалитет (по мерит), низ транспарентни процеси, без разлика дали се во обвинителство, судство или која било друга јавна институција. Политичкото мешање нема место во овие постапки. Оние што би се вмешале преку вршење притисок, закани или коруптивни зделки на „мала врата“ треба да бидат повикани на одговорност од граѓаните“, одговори амбасадорката на САД во земјава, Агелер, на прашањето на „360 степени.
ВЛАДИНИ ВЕТУВАЊА ПАДНАА КАКО КУЛА ОД КАРТИ
На 02.03.2021 година Зоран Заев на една од своите прес конференции заедно со Љупчо Николовски пред јавноста кажаа дека е усвоен План за борба против корупцијата, и информираа за деталите. На истата прес конференција ги претставија и мерките за борба против сите феномени на корупција, на судир на интереси и на непотизам, на сите нивоа, како една од нај подмолните закани за општеството и за сите граѓани во него.
„Планот придонесува за ред, правда и дисциплина. Сериозно ги зедовме предвид забелешките од последниот извештај на „Транспренси интернешнел“ и ги вградивме во овој План. На тој начин ги елиминираме пречките и поставуваме функционален систем за институциите кои стојат во првите борбени редови против корупцијата. Тие ќе го спречуваат, препознаваат и санкционираат секој вид на корупција во сите редови на власта без исклучок. Владата и граѓаните се на истата страна во борбата против корупцијата“, истакна тогашниот премиер Зоран Заев.
Корупцијата во Македонија не се искорени како што ветуваше Зоран Заев. Па затоа неговиот наследник Димитар Ковачевски на прес конференциите ги запознаваше граѓаните за неговите заложби и својата визија за државата, дури и ветуваше дека ќе се бори во Македонија да нема корупција.
Но, во изминатиов период граѓаните не увидоа некој поголем напредок во однос на намалувањето на корупцијата, напротив таа се повеќе беше присутна во земјава.
„Во изминатите 10 месеци мене не можевте да ме видите некого да бранам доколку се испоставеше дека има одредени сомнежи за некој функционер кој е во надлежност на Владата, туку напротив, секогаш ги повикував сите институции што се задолжени да испитаат одреден случај така и да постапуваат. Кога зборуваме за борба против корупција, јас не мислам само на корупција на високо ниво, туку на корупција на сите нивоа во општеството. Значи, од најнискиот шалтер во општеството во некоја локална самоуправа до највисоки нивоа на корупција“, истакна Димитар Ковачевски – претседател на Влада на прес конференција на 05.12.2022 година.
КРИТИКИ ОД СЕКОЈ АГОЛ, РЕАКЦИЈА ОД ВЛАДА НЕМА
Проблемот на Македонија со корупцијата неодамна го потенцираше и специјалниот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
„Не само што е ефективно да се санкционираат поединци, туку ако погледнете дел од она што го објавува Министерството за финансии, ќе ја видите длабочината на корупцијата“, рече Ескобар на 02.12.2022.
Реагираше и евромбасадорот Дејвид Гир кој побара професионалност во институциите во случајот со доделувањето на македонско државјанство на Украинецот, Олександар Онишченко, кој се наоѓа на црната листа на САД.
Дека корупцијата е проблем и на пониско ниво, а не потекнува само од политиката констатира и германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн. Таа вели дека Европската Унија го бара тоа од нас, а напредокот ќе зависи од брзината на реформите во Македонија.
За корупцијата која што е на доста високо ниво говореше и опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ.
„Се руши системот, корупцијата расте, и нема функционално владеење на правото и функционална држава. Не мислам дека про ЕУ оди во исто време со про корупција. И ако ми дозволите корупцијата се спушти на најниско можно ниво, сега веќе не зборуваме само за корупција на високо ниво и високо профилирана корупција, корупцијата за жал ја има во секој сегмент на општеството“, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ на едно од своите обраќања во Собранието на 01.12.2022.
Исто така и претседателката на здружението Транспаренси интернешнал Македонија, Слаѓана Тасева ја коментираше и објавата на социјалните мрежи на американската амбасадорка која што најави дека ќе дојде тим за санкции од Вашингтон, за да преземе поагресивен пристап кон минатите и сегашните корумпирани актери.
„Порака дека нема веќе да се толерираат само зборови, мора да се покаже дека нешто се прави. Мислам дека е така најдобро да ги оцениме, но што ќе излезе како резултат, ќе видиме“, вели во разговор за „Локално“, претседателката на Здружението Транспаренси интернешнал Македонија, Слаѓана Тасева, откако беше најавено дека во земјава доаѓа тим од САД кој што ќе работи на откривање на корупција меѓу бивши и сегашни функционери.