Времето ќе покаже дали претпоставките за конекциите на Абази со ДУИ имаат основа, вели Тупанчески
Министерот за правда, Никола Тупанчески, вели дека времето ќе покаже дали обвинувањата за поврзаноста на новиот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) Ислам Абази со ДУИ имаат реална основа или не.
Коментарот на Тупанчески доаѓа откако вчера се појавија фотографии на Абази со функционери од ДУИ откако обвинителот тврдеше дека нема лични контакти со интегративците.
„Ги видов и тие фотографии кои имплицираат дека избраниот обвинител има некаква конекција или комуникација со претставници на одредена политичка партија. Никогаш не може до крај да се неутрализираат, најважно е дека практично времето ќе биде главниот фактор кој ќе покаже дали навистина овие хипотези и претпоставки што се пласираат по неговиот избор имаат реална основа. Практично, комуникацијата не може да биде исклучена, но најважно е да не биде злоупотребена, одговори Тупанчевски на новинарско прашање.
Обвинителот Абази вчера излезе на прес-конференција и тврдеше дека иако е соселанец со Али Ахмети, нема лични контакти со него или со друг функционер од ДУИ. Дружбите со функционери, според обвинителот, не се забранети, но се непристојни.
По ваквите изјави, во медиумите на албански јазик излегоа фотографии од кои на едната Абази е фотографиран со Невзат Бејта, поранешен градоначалник на Гостивар и висок функционер на ДУИ, а на друга е во друштво на Дилавер Бектеши, обвинител од Кичево, кој исто така се поврзува со ДУИ, а во јавноста е познат како вишиот обвинител од случајот „Титаник 3“ во кој им се судеше на единствените функционери од ДУИ, Ејуп Алими и Исмет Гури, случај кој со години се влечеше и беше вратен на повторно судење.