Честит 23 Октомври, ДЕН НА МАКЕДОНСКАТА РЕВОЛУЦИОНЕРНА БОРБА
На 23.10.1893 во Солун Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Христо Батанџиев и Антон Димитров го одржале основачкиот состанок на Македонската револуционерна организација МРО.
Организацијата се бореше за ослободување на Македонија со сопствени сили, преку внатрешно востание и за воспоставување автономија на Македонија како чекор кон независна држава. Круна на нејзината дејност е Илинденското востание во 1903 г. – највозвишен чин на саможртва на македонскиот народ, кој речиси голорак, без ничија помош, тргна да се бори против отоманската власт. Востаничкиот Илинден остана длабоко врежан во срцето на секој Македонец, станувајќи светилник на остварување на идеалот за слобода и државност за идните генерации.
По првиот, го имавме и вториот победоносен Илинден, АСНОМ – 1944 и третиот 8 септември 1991.
Во долговековната борба на Македонците да бидат свои на своето, тоа е духовната нишка на контиунитетот, на траењето во времето и просторот, на самосвест која и во најбезнадежните ситуации секогаш одново им дава сила да бидат феникс кој се раѓа од пепелот. Борбата продолжува, зошто историјата никогаш нема бели страници. Ќе дочекаме нови ИЛИНДЕНИ.
Нека ни е честит празникот 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба.
Македонија вечна.