Беќаровски објасни колкави се навистина платите: Можеме да купиме само 200 кила жолто сирење
Откривањето на наводите дека директорка на клиника во скопскиот клинички центар имала несразмерно голем број дежурства, па дури и кога била во странство, покрена лавина реакции во јавноста.
Фуркан Салиу вчера и завчера, објави две верзии од видеото во кое и поставува конкретни, незгпдни прашања на д-р Аспазија Софијанова, на кои таа нервозно одговараше, а на крајот го напушти разговорот.
Вчера таа на социјалните мрежи изрази жалење за нејзиниот однос и рече дека никогаш не зела плата од 5 илјади евра. Сепак, новинарот и покажуваше документи во кои беше пресметана платата, плус надоместоците за дежурства и празнична работа.
Клиниката за детски болести, вчера соопшти дека месечната исплата на надоместоци на вработените се извршува со примена на Законот за здравствена заштита, каде што тие се утврдени во член 216 – Дежурство, член 217 – Посебен случај на дежурство, член 218 – Готовност, член 219 – Плата и дел од плата за работна успешност и член 220 – Додаток за работа во дежурство и готовност.
Во овие членови, посочуваат од Клиниката, е јасно наведено во кои околности и услови се исплаќаат надоместоците за дежурствата, кои се целосно утврдени, за состојба на готовност кога здравствениот работник треба да биде 24/7 достапен на телефон или со други средства за комуникација, како и за сите останати надоместоци.
Пресметката за надоместоците на директорката на Клиниката, Аспазија Софијанова никогаш не била исплатена со надоместоци во износите кои беа на одредни документи презентирани во јавноста.
Клиниката за детски болести како институција секогаш била отворена за транспаретна соработка со медиумите дури и во ситуации кога нашето време било потребно на друго место имајќи ја предвид нашата приоритетна работа грижата за здравјето на пациентите.
На крајот изразуваме жалење за начинот на комуникација во текот на вчерашниот ден, се наведува во соопштението од Клиниката.
Од ВМРО-ДПМНЕ, вчера со реакција: Видовме како директорка на болница земала енормни парични средства под ставката вонредни дежурства, во состојба кога докторите во државното здравство врзуваат одвај крај со крај.
Случајот кој што го објавија медиумите каде еден лекар зема 5.000 евра плата, додека другите не земаат ниту половина од таа сума е срам за системот, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.
Колкави се примањата на професорите и докторите на клинички, најсликовито објасни познатиот професор д-р Нико Беќаровски. Еве што тој напиша на својот профил на социјалните мрежи:
„ЖОЛТОТО ЗЛАТО! Платата на редовен професор на Медицинскиот факултет, вработен на КЛИНИКИТЕ со сите додатоци, за одговорност, стаж, раководење, е еднаква на САМО 200 килограми жолто сирење ГАУДА од 421 денари. Малку или многу оценете сами.
Ако некој посака да купи 200 килограми ГАЛИЧКИ КАШКАВАЛ (1350 денари) место Гауда ќе мора да “дежура” 24/7/365.
За уште поголема жал сите останати здравствени работници и соработници мора да станат “вегетаријанци” и да јадат растителен кашкавал, тенко исечен“, напиша професор Нико Беќаровски на својот профил на социјалните мрежи.