Артан Груби сменет од функцијата организациски секретар на партијата

На местото на првиот вицепремиер Артан Груби доаѓа Блерим Беџети, актуелен градоначалник на о.Сарај кој беше дел од таканаречената „Огнена група“ која во текот на изминатите недели бараше промени во партијата на интегративците.

На денешниот вонреден состанок свикан од претседателот на ДУИ, Али Ахмети, централниот совет на партијата донесе одредени измени во партиското раководство па така, за потпретседатели на партијата беа избрани пратеникот Изет Меџити кој исто како и Блерим Беџети припаѓаше во групата која бараше промени во раководството на партијата. Покрај Меџити, нови потпретседатели се пратеничката Арбана Пашоли, директорот на „Македонски енергетски ресурси” Бајрам Реџепи а единствено од стариот состав позицијата ја задржа координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбер Адеми.

Како членови на Надзорен совет, претседателот на партијата Ахмети ги предложи Муса Џафери, Мемет Селами, Шукри Масурица, Јуамин Синани, Зенун Матејани, Беким Назири и Недим Рамизи, а за генерален секретар е избран Фатон Амети, организациски секретар Блерим Беџети и секретар за родова застапеност Саранда Имери.

Собранискиот спикер Талат Џафери не се согласи со предлогот на првиот човек на ДУИ Али Ахмети кој го предложи Блерим Беџети за организациски секретар и Изет Меџити, Арбер Адеми, Арбана Пашоли за потпретседатели и побара Гостиварскиот огранок да добие потпретседателско место. Но, со неговиот предлог не се согласи сега новиот член на надзорниот совет на партијата, Муса Џафери по што спикерот во знак на револт и незадоволство прв ја напушти салата каде што се одржуваше состанокот.

По завршувањето на состанокот, министерот за надворешни работи Бујар Османи кој воедно е и портпарол на партијата порача дека другите партии треба да учат од ДУИ како се прави демократија, токму поради фактот што партијата има лидер што може да ја одржи партијата жива, динамична и да ја адаптира на современите околности и има внатрешен капацитет да различните погледи ги става во функција на една синергична активност на партијата за да добие поддршка на избори.

„ДУИ неслучајно е најуспешната организација во регионот со 20 години последователни победи на сите можни нивоа. Токму заради тоа што има лидер што може да ја одржи партијата жива, динамична и да ја адаптира на современите околности и има внатрешен капацитет да различните погледи ги става во функција на една синергична активност на партијата за да добие поддршка на избори“,рече Османи.

Овие смени во ДУИ доаѓаат откако „Огнената група“ од ДУИ пред дваесетина дена излезе со отворено писмо револтирана од првиот вицепремиер Артан Груби и побара промени во партијата.

Тие побараа од Ахмети да го врати партиското единство и да ја заврши внатрепартиската „војна“, а го обвинија вицепремиерот Артан Груби дека како дел од извршната власт сам одлучувал за кадровските поставувања и дека дилетантски се однесувал, со што се придонело кон револт и пасивност на гласачкото тело што, пак, резултирало со лоши изборни резултати на последните избори во Тетово.