Цела држава во банкрот, СДСМ повторно арогантни: Се грижеле за земјоделците – 30% повисоки откупни цени на грозјето оваа година
Гоце Георгиевски, претседател на комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на СДСМ:
„И во време на светска економска криза, СДСМ преку Владата и надлежното министерство што ги предводи, продолжува со вистинска поддршка за сите земјоделци.
Воведуваме нова мерка за предадено грозје во регистрирани капацитети за производство на вино во Република Северна Македонија, со висина од 2 денари по килограм.
Оваа мерка ќе ја користат земјоделски стопанства кои имаат површини под лозови насади и остварено производство на винско грозје од реколта 2022 година, кое е предадено во регистрирани капацитети за производство на вино или пак е преработено за потребите на сопствениот преработувачки капацитет.
Низ инклузивен пристап и дијалог со лозарите и винариите успеавме оваа година да постигнеме историски најголемо зголемување на откупната цена за грозјето од 30 отсто, што е особено важно во кризна година.
Оваа година грозјето од сортата Смедеревката ќе се откупува по просечна цена од 13 денари за килограм, додека вранецот по 15 денари за килограм, што е за 3 денари повеќе споредено со ланските откупни цени.
Со дополнителните мерки на овие веќе договорени и гарантирани цени од 13 и 15 денари за килограм ќе се додадат уште плус два денари, со што откупната цена на грозјето ќе достигне 15 односно 17 денари.
Преку новата мерка за поддршка на произведено и извезено вино за период од 01.09.2021 до 01.09.2022 година, предвидена е и поддршка за винарииите, а корисници на оваа нова мерка се регистрираните производители на вино кои во 2021-2022 година имаат произведено и извезено вино.
Финансиската поддршка со оваа дополнителна мерка изнесува од два до четири денари по литар во зависност од видот и големината на амбалажата на виното.
Продолжуваме да реализираме мерки и политики кои овозможуваат директна помош за земјоделците и зголемено домашно земјоделско производство“, заклучи тој.