Мицкоски: Бадијала ќе им биде на СДСМ и ДУИ Рамковниот кога младите ја напуштаат државата поради нивниот криминален и корумпиран режим
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска беше во посета на Љубанци каде што беше пуштено во употреба на ново спортско игралиште, а потоа беше дадена и изјава за медиумите.
Запрашан за став околу тоа што СДСМ и ДУИ велат дека Рамковниот договор ќе обезбеди просперитет во земјава, Мицкоски одговори дека бадијала ќе им биде Рамковниот кога младите без разлика дали се Македонци и Албанци си заминуваат од Македонија бидејќи гледаат бесперспективност поради овој криминален и корумпиран режим.
„Добро, оние враќаат, рециклираат теми од минатото. Тоа е затворена работа. Сега се фокусираме на иднината и е факт дека и во Љуботен и тука во Љубанци младите си одат. Зашто си одат? Затоа што за жал бесперспективност гледаат поради овој криминален и корумпиран режим без разлика што во Љуботен се Албанци а во Љубанци се Македонци. Децата си одат, младите си одат и среќа што имаме вакви амбициозни градоначалници и луѓе во политиката млади и чесни кои што сакаат да работат и сакаат да овозможат и да остават нешто позади себе за да ги задржат тие луѓе тука. Но, ако се оставиме на овие луѓе од ДУИ и од СДСМ за бадијала ќе им биде Рамковниот кога се празнат селата, односно селата дека се празнат е веќе стара вест, сега се празнат и градовите. Гостивар од 84 илјади на 59 илјади и тоа на оној попис онаков каков што беше. Тетово нема вода за пиење, Арачиново нема канализација и сега они седат и трошат 70-100 илјади евра по некакви забави таму. Шокантно, што да ви кажам“, истакна Мицкоски.