НОВА ЛАГА ОД КУЈНАТА СДС-ДУИ: Производството на електрични автомобили е ноторна глупост и измама!
Целата Влада денеска присуствуваше на поставувањето на камен темелник на првата фабрика за електрични автомобили во Македонија. Според надлежните, германската „e.GO“ компанија во зоната во Тетово ќе гради фабрика, а според најавите, првиот автомобил на струја треба да е готов во 2024 година. Владата одлучи дека ќе и даде државна помош на компанијата, но нема детали кога е всушност македонската фирма во Тетово која стои зад ова. Новинарите присутни на настанот сакаа да постават прашања, но истите не беа дозволени.
Ивестицијата тежи 130 милиони евра само во првата фаза и планирани се 900 нови вработувања, посочи преиерот Ковачевски во своето обраќање. Директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски посочи дека земјава веќе не е на мапата на ефтина работна сила и платите во оваа фабрика ќе бидат над илјада евра.
Инвеститорите најавија дека планот е годишно да се произведуваат по 30 илјади автомобили на струја.
Е сега, веста би требало да изгледа оптимистично, премиерот Димитар Ковачевски изјави дури дека “со ова Македонија ќе се нашла на мапата на производители на електрични автомобили во светот!“. Но, зад оваа нова “комбинација“ на ДУИ поддржана од СДСМ да се извадат државни пари од сметката стои – ноторна глупост и измама.
Ова се тврди од многумина, помеѓу останатото и од специјализираните експерти, а во оваа прилика пренесуваме стручна анализа на оваа електро “инвестиција“ од специјализираниот портал Аутомедиа, во која под наслов “ Тетовски автомобили со бугарски таблици на струја од јаглен“ се вели:
Тоа е пример за беспримерна простодушност. Под Шар Планина ќе се произведувале електрични автомобили што никој не ги сака. Уште едно смешно автомобилско поглавје, од коешто на Македонија ќе и преседне смеењето. Спомнувањето на светските автомобилски теми во Македонија, по правило предизвикува смеење. Иронично смеење.
Германците за тоа велат дека е „шнапс-идее“, односно оригинално Schnapsidee. Тоа е една од оние вредни идеи што доаѓаат кога човек е малку повеќе поднапиен, и во таква блажена состојба цени дека таа идеја е решение за сите проблеми во светот. Попродуктивните генерации на овие простори, порано кажуваа „како мали Ѓокица замислува…“ За денешнава вест од влада.мк, ќе биде потребно малку посликовито објаснување.
Замислете си дечиња што во убаво темперирано августовско претпладне се седнати во урбаномафијашки усмрден микро-парк пред зграда, и во пауза меѓу шах и жмурки се договараат да произведуваат електрични автомобили.
Така денес Македонија дозна дека оние чудните структури се решиле да произведуваат електрични автомобили. Можеби нема да биде токму Mercedes EQS SUV, дизајниран од Славче Таневски, а нема да биде ниту Peugeot e-208, со којшто лани докажавме дека може без проблем и во максимална електро-еуфорија да се вози до мариовска Градешница и назад. Но, овој автомобил е голема надеж. Досега не успеал да се пробие на сцената и компанијата банкротирала веројатно шеснаесетпати, но проблемот очигледно е во тоа што автомобилот не се произведува во Тетово.
Станува збор за еден спин-оф на Рајнско-Вестфалиски Технички Универзитет Ахен, почнат во времето кога електромобилноста уште беше ентузијазам и луѓе веруваа дека од сопствената гаража можат да го сменат светот и преку ноќ да го префрлат да се вози на струја. Компанијата денес се води под Next e.GO mobile SE и на автомобилската сцена има апсолутно ултрамаргинално значење. Не постои производител што помалку значи на автомобилскиот пазар. Концептот на автомобилот и технологијата за истиот потекнуваат од раните 2010-ти години. Значи, утка уште пред старт.
На тест-возење во прочуениот германски магазин Ауто Билд, нашите ценети колеги заборавија секаков патриотизам и навивачка еуфорија и оценија дека тоа е најлошиот автомобил што воопшто се појавил на тест во историјата на магазинот. Дури и името на автомобилот е останато во тие времиња, кога се замислуваше како еден ден ќе изгледа електромобилоста: Автомобилот се нарекува e.Go.
Линк до тестот на Ауто Билд https://www.autobild.de/artikel/e.go-life-60-test-14881637.html
Несреќниот e.Go досега никој не го сакал, и нема ниту да го сака, затоа што е катастрофално лош автомобил, во поглед на изработката, во поглед на комфорот, во поглед на индустриското искуство.
Најголемиот дел од историјата на автомобилот, помината е во навивање. Исто како Македонија што се надева дека еден ден ќе доживее пристојна власт, така и автомобилската сцена, барем еден микро-дел од неа, се надеваше и очекуваше дека e.Go еден ден ќе стане хит на пазарот.
Целата замисла пропадна откако Германија воведе субвенции за електрични автомобили. Поточно, крајот за Next e.GO Mobile дојде кога германските власти ги зголемија субвенциите. Производителите учествуваат со 3.000 евра во субвенционирањето на електричните автомобили, државата на тоа додава уште 6.000 евра. Тие 3.000 евра за Next e.GO беа премногу.
Заработката што компанијата имаше намера да ја постигнува, доколку еден ден се оствареше првичната намера за e.Go да почне да се произведува во нормална серија, беше помала од субвенцијата од 3.000 евра, што производителот требаше да ја „одзема“ од цената на автомобилот.
Менаџерите што ја унесреќија целата добронамерна замисла со e.Go, тогаш дојдоа на идеја да го поскапат автомобилот. Цената се движеше малку под 20.000 евра, а во новата и поскапа варијанта, требаше да се обезбеди простор за профит и да се дојде до 25.000 евра. Така се случи e.GO да добие поубава пластика, додатоци што го преправаа автомобилот да личи како да е кросовер, шарени седишта, радио со голем дисплеј. Нормално, e.Go и натаму никој не го сакаше.
Народот си купуваше Renault Zoe, Nissan Leaf, BMW i3, VW e-Up, пазарот веќе имаше одлична понуда во тој ценовен сегмент, што со масивните субвенции стануваше достапен за поширок круг купувачи.
Целата идеја е преку e.GO да се извлечат народни пари од буџетот и тие никогаш да не се потрошат во фабрика за електрични автомобили, од којашто истиот тој народ ќе има корист.
Next e.GO mobile пропадна, па се јавија некои инвеститори, за коишто на јавноста никогаш не ѝ било јасно како може да бидат толку наивни и неискусни, па да вложуваат во компанија од којашто никогаш нема да бидне нешто повеќе. Секако дека тоа не се наивни и неискусни инвеститори, туку се дрски ликови, кои штотуку се оттргнале од класичниот криминал. Тоа сега се случува со веста за e.GO во Македонија, во Тетово.
Суштината е во тоа што парите што му се земаат на македонскиот народ за даноци, такси, убавини и неубавини, во милионски износи ќе се извлечат од буџетот и божем ќе се насочат за изградба на фабрика, од којашто Македонија ќе стане автомобилска светска сила. Значи, точно тоа, целта со разгласувањето дека ќе се произведуваат електрични автомобили во Тетово, не е друга, освен вадење пари што во буџетот се собрани од народот, за наводно градење фабрика. Уште отсега е сигурно. Во Тетово нема да се изработи ниту еден електричен автомобил од марката e.Go, ниту која било друга марка.
Неколку прашања што папагал-медиумите пропуштија да си ги постават пред да разгласат вест дека во Македонија божем ќе се произведувале автомобили, па уште и електрични: Кој тоа ќе го купува e.GO, покрај сите останати модели на струја што денес ги нуди пазарот? Дали тетовскиот автомобил на струја ќе му го зема пазарот на електрчниот Fiat, што 100% вистинито ќе почне да се произведува веќе в година во српски Крагуевац?
Каква енергија ќе користи фабриката за производство на автомобили? Јаглен? Мазут? Нуклеарна? Какви патишта водат до и од Тетово? Дали има железница, речен транспорт? Каков СО2-отпечаток ќе има производството во фабриката во Тетово? Дали производителот ќе плаќа милионски еко-пенали затоа што не може да постигне СО2-неутралност? Кога ќе почне обуката на кадар, за работа со високонапонската техника во e.GO?
Дали се обезбедени потребните количини микрочипови, коишто хронично и недостигаат на браншата? Каква цена има договорено со снабдувачите со батерии? Има ли останато доволно суровини за e.GO?
Тоа се само неколку основни прашања, на коишто со искуството од пластичарска улица малку кој од северно-автомобилистиве може да одговори.
Приказната ќе заврши со прашање: Зарем е можно да се толку плитки?
Во меѓувреме, од редакцијата испративме писмо до производителот во Ахен, да коментира околу веста за тетовската фабрика. Испративме писмо и до здружението на производители на автомобили во Германија, до величествената Verband der Automobilindistrie. Одговорите досега требаше да пристигнат. Чудно.