Само Смаќовска може да го гони Муареми, но неа никаде ја нема
Цели десет дена откако државниот обвинител Љубомир Јовески ја посочи како надлежна да го гони шефот на Финансиската полиција обвинителката Гордана Смаќовска не презема ништо против Арафат Муареми, пишува Експрес.мк.
Според порталот, Јовески, кој ја нападна обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска и испрати обвинители да истражуваат дали таа со право го гони Муареми, влезе во замка со изјавата дека Русковска не смеела да го гони шефот на Финансиската полиција затоа што за него надлежна е обвинителката која ги покрива полициските службеници.
Анонимна кривична пријава за случајот со шефот на финансиска полиција во организиран криминал пристигнала на 3 мај годинава а обвинителите побарале налог за претрес од судот по два ипол месеци, на 18 јули. Анонимна пријава за Муареми пристигнала и во Аникорупциската комисија. Во меѓувреме медиумите објавија за нова кривична пријава против Муареми од дебарски бизнисмен.
Јовески во нападот врз работата на Русковска констатира и дека ненадлежни обивнители го вршеле претресот против Муареми. Според него требало да постапуваат обвинители од одделението специјализирано за лица со полициски овластувања затоа што Муареми се смета за полициски службеник.
Одговорна за гонење на полициски службеници е обвинителката Гордана Смаќовска, која иако е посочена од Јовески цели десет дена не покренува истрага за Муареми.
Дали таа сама одлучила дека нема криминал во работата на Муареми или пак има ,,сугестии” од повисоки инстанци да не го гони шефот на Финансиската полиција ќе се истражува најрано кога Јовески ќе замине во уставниот суд или најдоцна кога ќе биде избран нов државен обвинител од нова влада.
По прозивањето на Јовески на Смаќовска како одговорна за полициски службеници, луѓе во Јавното обвинителство очекувале дека таа ќе почне истражни дејствија со цел да утврди дали Муареми рекетирал бизнисмени.
За да го расчисти случајот, Јовески морал да ѝ наложи на Смаќовска да го истражува Муареми затоа што вака излегува дека тој сака да го спаси шефот на Финансиската полиција, тврдат луѓе во скопското јавно обвинителство.
Тие тврдат дека досега Смаќовска воопшто не започнала истрага за жешкиот предмет во кој е вклучен функционер близок на Зоран Заев, а кој ја има поддршката од премиерот Ковачевски.
Смаќовска полани беше дел од нерасчистен непотистичко-корупциски скандал кога нејзината ќерка беше вработена во правосудството како дел од Академијата за судии и обвинители.
Таа досега не се истакна со прогон на било кој полициски службеник иако јавноста знае за најмалку десетина крупни скандали во кои се инволвирани полицајци или луѓе од безбедносните служби.