Котлар до Османи: ИСТОРИЧАРИТЕ истражуваат, проучуваат, докажуваат, утврдуваат, толкуваат, вршат научна дејност! ПОЛИТИЧАРИТЕ прават компромиси! Во историската Комисија се ваши избраници, тие не ги претставуваат македонските историчари!
Професорката Наташа Котлар денеска преку отворено писмо му објаснува на министерот за надворешни работи Бујар Османи што всушност прават вистинските историчари, а што прави министерот како и историчарите кои ги избрал тој и политиката.
Повод за ова, како што потенцира Котлар преку Фејсбук статус е изјавата на министерот при презентацијата на протоколот – „Историчарите, а не политичарите ќе одлучуваат за историските прашања и учебниците“.
За професорката кажаново од министерот е невиден цинизам. Во продолжение нејзината реакција:
„Значи, оваа изјава е тешка демагогија, безобразна манипулација, невиден цинизам, огромно незнаење за нештата, но затоа намерно и конкретно искажана! Господине надворешен, ИСТОРИЧАРИТЕ не одлучуваат, тие истражуваат, проучуваат, докажуваат, утврдуваат, толкуваат, изнесуваат и настапуваат пред јавноста, пишуваат, односно вршат научна дејност. И низ тој процес, на постојано синтетизирање, анализирање и докажување, низ дијалектичкиот процес создаваат наратив, содржина за одедени процеси, настани, случувања, кои потоа се преточуваат во образованието, во учебници и учебни помагала.
ПОЛИТИЧАРИТЕ се оние кои прават компромиси или превземаат дури и насилнички постапки и при тоа одлучуваат. Оние, неколкумина луѓе по вокација историчари и што ви се нафатиле да бидат во Комисијата, ниту го имаат легитимитетот од институциите во кои работат, ниту струковото (научното) здружение ги делегирало, ниту катедрите, ниту имаат соодветна стручност за темите по кои дискутираат!
Тие не ги претставуваат македонските историчари, ниту можат, иако сакаат! Тие се ваши избраници по идејна, пријателска или друга ненаучна кауза! Со ова вие ја засегнувате научната автономија (светска, европска придобивка) и воведувате инквизиција, заради фалсификување на македонската историја и самобит“, пишува Котлар.