„ЈА УБИВТЕ ВИКТОРИЈА ПО ТРЕТ ПАТ“ – Очајни родителите на девојката згазена на 20 јануари кај Сити Мол

„Викторија во рок од 5 месеци убиена 3 пати, првпат прегазена од несовесен учесник во сообраќајот, двапати прегазена од недопирливото судство во Македонија. Колку тежи едно убиство, колку тежи еден човечки живот, колку се битни законските прописи, колку вам ви е важно дами и господа седнати во удобноста на вашата функција судија, која некогаш беше симбол на правдата, а денес симбол на неправдата!! Спречивте ли нови смртни случаи низ државата!? Спречивте ли нов случај Викторија!? Спречивте ли сообраќајно насилство!? Не, не и не“, тагува Славе Николов, таткото на Викторија Николова која беше смртно прегазена на пешачки премин кај Сити Мол на 20 јануари годинава.

„Ја убивте вие повеќе од убиецот!! Нема правда, нема правдина, нема држава, направивте безредие, наша Вики вреди како 100 украдени ќебапчиња, толку тежи вагата на правдата во Македонија!! Пуста да е таа ноќ, проклет да е тој пешачки, кога Вики беше жртва, кога Вики беше убиена!! И сè се сврте, од жртва во најголемата тага, вие жртва од убиецот направивте!! Зборовите на мојата сопруга “Ниедна мајка да не виде јас што доживев” уште ечат во нашиот дом, да не доживее ниедно семејство таков екот!! Вики, ангел беше на земјата, ангел си и на небото, правдата овде е слепа, зла и болна, но правдата овде е корумпирана, таму горе се е совршено“, додава таткото.

Денес Апелациониот суд во Скопје му ја зголеми казната на возачот од три на четири години затвор кој ја прегази Викторија и ја призна вината.