Груби: Владата уште денеска може до Собранието да ги достави францускиот предлог

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи со заедниците Артан Груби изјави дека е можно уште денеска Владата до Собранието да ги проследи францускиот предлог за деблокада на европскиот пат на земјава, заедно со билатералниот протокол со Бугарија и другите придружни документи.

Груби посочи дека Владата нема да одлучува за францускиот предлог, туку само ќе ги проследи до Собранието.

„Собранието ќе одлучува за францускиот предлог и ќе ја задолжи Владата за следните активности во однос на целиот пакет“.

Тој рече дека во францускиот предлог не е содржан билатералниот протоколот со Бугарија и дека преговарачката рамка не задира во македонскиот идентитет и јазик и културна посебност.

„Ниту премиерот Димитар Ковачевски, ниту кој било друг министер од Владата не го поддржал и не би гласал за преговарачка рамка која би значела асимилација и бугаризација на Македонците“, рече Груби.