Маричиќ и Османи не гледаат причина да поднесат оставка
Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ и шефот на дипломатијата, Бујар Османи, не гледаат причини зошто би поднеле оставка по францускиот предлог за кревање на ветото од Бугарија, кој државата го одби како неприфатлив за неа.
Најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ и Демократскиот сојуз кој е дел од владината колација вчера побараа оставки од Маричиќ и Османи.
„За секоја држава е важно заштитата на јазикот и идентитетот, достоинствено да чекори на патот кон ЕУ секако имајќи ги добрососедските односи како битен критериум кој е ставен во рамката. Во таа смисла мислам дека наша одговорност е да се грижиме за овие работи, простор за одговорност надвор од ова не гледам. Мислам дека многу поголема е одговорноста на одредени личности или структури кои се обидоа да ја нарушат државната стратегија со своето пренесување на вести или информации до политички партии или до медиуми кои беа ниту проверени ниту конечни со цел да се креира една таква атмосфера. Ние кажавме дека е важно овој процес да го водиме мудро и дека ни било дел од стратегијата да ги соопштиме нашите ставови на Самитот, а претходно и да комуницираме со нашите партнери“, рече Маричиќ.
Со комуникацијата на определени лица и структури до дел од политичките партии и медиумите, додаде вицепремиерот, се поткрена една атмосфера за која немаше основа.
Слична изјава за евентуална оставка даде и шефот на дипломатијата со порака дека се заштитени државните интереси и дека како такви еден ден ќе влеземе во ЕУ.
„Прашањето на успех е релативно, зависи што значи успех. Дали е заштита на интересите на државата или е нешто друго. Ние не го квалификуваме ова прашање како црно бело прашање на успех и неуспех. Ова е наша безалтернативна борба да станеме членка на ЕУ притоа запазувајќи ги државните интереси и интересите на граѓаните. Тоа што ќе кажам е дека нема да правиме компромис ниту по едното ниту по другото прашање. Ќе станеме еден ден членка на ЕУ но со заштитени државни и национални интереси“, изјави Османи.